Регионалниот центар на Здружението на новинари на Македонија -ЗНМ, од Охрид најостро го осудува вчерашниот вербален напад врз новинарот на Радио Охрид и дописник на Утрински весник и Канал 5 , Симон Илиески од страна на сопственикот на градежната фирма КАРАДАК – Ристе Карадакоски .
  
Заканите упатени до новинарот Илиески зборуваат за силата, ароганцијата и недопирливоста на одделни моќници кои подолго време се поистоветуваат со законите во Република Македонија.Очигледно е дека на одреден слој во земјава им пречи истражувачкото новинарство и посебно фактите до кои доаѓаат новинарите, па си земаат за право нерагументирано да одбиваат да дадат својот став и наспроти тоа настојуваат со вербални притисоци и закани да ги замолчат новинарите.
 
 Ова не е прв, ниту единствен случај досега во Македонија. Но  заедно со осудата Регионалниот центар на ЗНМ – Охрид , бара од надлежните институции да им стават крај на ваквите однесувања на одделни моќници, кои очигледно се плашат јавноста да знае за нивниот бизнис и парите кои ги стекуваат.
  
Јавноста од новинарите бара секогаш да бидат  на страната на објективноста и законите во државава.Се погласно се зборува за борбата протѕив корупцијата и затајувањето на даноците. Новинарите и  покрај ваквите притисоци сигурни сме дека ќе истраат во намерата,професионално да ја вршат својата работа и на јавноста да и ги предочат сите вакви и слични незаконски појави, се вели во реакцијата на ЗНМ-Регионален центар – Охрид, во врска со вербалниот напад на новинарот Симон Илиески.

Вчерашниот напад врз новинарот на Радио Охрид, Канал 5 и Утрински весник, Симон Илиевски го осуди и градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.

„Новинарите и новинарството воопшто не заслужуваат да се соочуваат во своето работење со напади или закани без оглед од кого тие доаѓаат и се упатени. Новинарството во Охрид има долга традиција токму заради негувањето на истражувачкото новинарство и определбата на новинарите да ги прашаат односно да го пренесат ставот на сите инволвирани страни во било кој настан. Затоа сметам дека она што го доживеа денеска новинарот Симон Илиевски заслужува секаква осуда. Се надевам дека вакви напади врз новинарите нема да се повторуваат бидејќи тие се должни да ја информираат јавноста објективно“, истакнува градоначалникот Петрески.