Европската унија најави санкции за инволвираните, откако рускиот претседател Владимир Путин го потпиша указот за признавање независност на т.н. Доњецка и Луганска народна република
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Фредерика Фон дер Лајен најостро ја осудуваат одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да продолжи со признавањето на областите Доњецк и Луганск, кои не се контролирани од властите во Украина, како независни ентитети.
Овој чекор е очигледно кршење на меѓународното право, како и на договорите од Минск. – се истакнува во заедничкото соопштение од Мишел и Фон дер Лајен. Унијата ќе реагира со санкции против инволвираните во овој незаконски чин. – најавија ЕУ дипломатите.
Унијата ја повторува својата непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници.
НАТО со остра осуда за потегот на Кремљ
Ја осудувам одлуката на Русија да го прошири признавањето на самопрогласените „Доњецка народна република“ и „Луганска Народна република“, изјави вечерва генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Ова дополнително го поткопува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, ги еродира напорите за решавање на конфликтот и ги прекршува договорите од Минск, во кои Русија е засеганата страна. – истакна Столтенберг.
Тој ја обвини Русија дека бара изговор за инвазија на Украина.
Во 2015 година, Советот за безбедност на Обединетите нации, во кој членува Русија, го потврди своето целосно почитување на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина. Доњецк и Луганск се дел од Украина. се наведува во соопштениетп на Столтенберг.
Џонсон: Руското признавање на одметнатите региони е кршење на меѓународното право
Руското признавање на одметничките провинции во источна Украина е јасно кршење на меѓународното право, изјави вечерва британскиот премиер Борис Џонсон.
Владимир Путин штотуку објави дека Русија ги признава одметнатите републики Доњецк и Луганск. Тоа е едноставно кршење на меѓународното право. Тоа е флагрантно кршење на суверенитетот и интегритетот на Украина, рече Џонсон на прес-конференција.
Британскиот премиер додаде дека останува да се види што точно ќе се случи во Источна Украина во моментов, но дека Западот мора да изврши притисок врз Русија што е можно повеќе.
Зеленски разговараше со Бајден и одржа седница на Советот за национална безбедност и одбрана
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вечерва изјави дека разговарал со американскиот претседател Џо Бајден за „настаните од последните неколку часа“ и дека е планиран разговор и со британскиот премиер Борис Џонсон.
Зеленски на Твитер напиша дека свикал седница на Советот за национална безбедност и одбрана, по одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ја признае независноста на двата сепаратистички региони во источна Украина.
Зеленски претходно разговараше и со германскиот канцелар Олаф Шолц.
Белата куќа најави санкции за руско-украинската криза
Американскиот претседател Џо Бајден ќе издаде извршна наредба со која ќе се забранат инвестиции, трговија и финансирање од американски поединци во Доњецк и Луганск, во источна Украина, соопшти Белата куќа, набргу откако Русија ги призна двете бунтовнички области како независни држави, пренесе ДПА.
Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, вечерва изјави дека извршната наредба „исто така ќе обезбеди овластување за воведување санкции за секое лице кое ќе одлучи да продолжи да дејствува во овие украински области“.
Казнените мерки „се одвоени и ќе бидат дополнување на брзите и строги економски мерки што ги подготвувавме во координација со сојузниците и партнерите доколку Русија дополнително ја нападне Украина“, додаде Псаки, пренесе ДПА.
OhridNews
Извор: МИА