Остри осуди за нападот врз екипа на Медиумската информативна агенција (МИА) која професионално известуваше за протестот поврзан за случајот ,,Монструм”, стигнуваат од сите страни

Според кажувањата на колегите од МИА имало обид да им се одземе опремата и турканици, при што снимателот бил турнат а неговата опрема оштетена.

Ваквиот однос кон новинарите кои се на работна задача на терен е неприфатлив и потребно е да биде строго казнет од страна на Министерството за внатрешни работи затоа што насилството кон новинарите не е дозволив во демократски земји, се вели во реакцијата на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

Неказнивоста на нападите и медиумските работници може да поттикне посериозни насилства кон новинарите, а со тоа дополнително да се загрози нивната безбедност, правото на слобода на изразување како и правото на информирање на граѓаните. Затоа е важно што поскоро да се измени Кривичниот закон во насока на системска заштита на новинари и медиумските работници. – стои во реакцијата на ЗНМ.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, исто така, најостро го осудува нападот и попречувањето на работата на новинарите за време на вчерашните протести против пресудата за случајот „Монструм“.

Секој вид на напад на медиумските работници, без разлика дали е вербален или физички, како и секое попречување на нивната работа, претставува загрозување на слободата и правото на информирање и се апсолутно неприфатливи. Агенцијата апелира на медиумските работници да им се овозможи слободен, непречен и безбеден пристап до сите настани, особено до оние од јавен интерес. – се вели во соопштението на АВМУ.

И Владата најостро ги осудува нападите врз новинарите што случија за време на протестите после судските одлуки во случајот „Монструм“.

Во демократски општества, се наведува во денешното соопштение од владинара прес=служба, секој има право на изразување незадоволство, но насилничките инциденти се неприфатливи и недозволиви.

Поаѓајќи од својот јасен став за нула толеранција за ваквите инциденти, Владата укажува дека секој напад врз медиумските претставници, физички или вербален, ќе биде најостро осуден и санкциониран и дека сите институции во државата, како и обвинителството и судовите, треба да постапуваат максимално брзо и професионално за било кој напад или закана против медиумските работници, стои во реакцијата од Владата.

OhridNews