Неславно со оставки на основачот Адем Нуроски, претседателот Сафет Демироски и спортскиот директор Ивана Лескароска заврши историската сезона за Фудбалскиот клуб Лабуништа. „Црно белите“ од почетокот до предвремениот крај на првенството поради пандемијата на коронавирусот беа во игра за местата на табелата кои водат во Првата лига. Лабуништа годинава за прв пат во клупската историја избори пласман во ТОП 8 во Купот на Македонија.

Со моја конечна одлука и став, сакам да ви се обратам на сите љубители на фудбалот, фудбалската јавност, жители на Лабуништа и на оние луѓе кои со нетрпение чекаа да се повлечам од клубот. Како основач на Лабуништа од 2011 година до денеска имам вложено повеќе од мојата моќ се со цел клубот да биде гордост и светла точка на сите жители од Лабуништа. Сакам да кажам дека во ниту еден момент клубот не го направив приватен и за мои лични цели, туку како што напишав погоре за гордост на Лабуништа. Изминативе години видов добро и лошо, поминав низ различни ситуации но секогаш победувавме со Лабуништа. Не сакам да зборувам со цифри, но секој кој добро ги познава условите во македонскиот фудбал знае дека во Лабуништа фудбалерите земаа солидни плати без доцнење. – напиша Адем Нуроски на својот „Фејсбук“ профил.

Тој додаде дека на Управниот одбор на клубот детално ќе му ги презентира вложените средства, досегашната негова работа во Лабуништа и ќе ја официјализира оставката.

Фудбалерите на Лабуништа ќе добијат чисти документи и ќе можат да преговараат околу продолжување на соработката со новата управа, или пак, да си бараат нов клуб каде ќе ја продолжат кариерата.

OhridNews