Премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието Талат Џафери се очекува денеска да поднесат оставки на функциите, со што почнува формално-правната процедура за подготовка и избор на техничката Влада в недела на 28 јануари – 100 дена пред парламентарните избори што треба да се одржат на 8 мај, две недели пред претседателските избори. Учеството во техничката влада синоќа го официјализираше и ВМРО-ДПМНЕ откако Извршниот комитет ги утврди кандидатите за министри и дополнителни заменици министри, но остана на ставот да не гласа за владата.
Панче Тошковски е предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи, а Ѓоко Велковски за труд и социјална политика За дополнителен заменик– министер за финансиии е предложена Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Ова се петте кадровски решенија со кои ВМРО-ДПМННЕ ќе го даде својот максимум за одржување на фер и демократски избори, што практично е и причината за формирање на техничката влада. Причината поради која ВМРО-ДПММНЕ одлучи да учествува во техничката влада е затоа што во Македонија никогаш не било полошо, се наоѓа во тешка ситуација и е заглавена во криминал и корупција, изјави по седницата на ИК потретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски.
СДСМ претходно ги објави имињата на кандидатите за техничката влада во која дополнителни заменици министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика се Митко Бојмацалиев и Јована Тренчевска, а според информации на МИА остануваат исти министрите од ДУИ и Алијанса за Албанците.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во пресрет на седницата повтори дека нема да ја гласаат техничката влада со Талат Џафери, кој, како што истакна, не заслужува да биде гласан.
Нема да бидеме како СДСМ. Да, ќе бидеме во собраниските клупи, само ќе се воздржиме од гласање. Цениме дека Талат Џафери не заслужува да биде гласан. Ако го гледаме вториот мандат неколкупати тој го крши Деловникот, Уставот. Тој е плод на политички договор кој го имале СДСМ и ДУИ. Вие не може да поддржите политички договор на политички партии во чие што друштво вие влегувате по сила на закон, рече Мицкоски во телевизиско гостување.
И покрај тоа што опозициската партија нема да гласа за техничката влада, според Џафери, нема пречка нејзините министри да не бидат дел од неа.
Џафери, кој треба да биде мандатар на преодната влада, прашан дали ќе му пречи доколку пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаат за новата техничка влада изјави дека по дефиниција пратеникот е слободен во волјата и во одлучувањето.
Во два мандати сум избран претседател на Собранието. Не менувало ништо во нашите односи тоа што гласале или не гласале. Ако се раководиме по таа логика тогаш би требало да ни пречи и фактот кој граѓанин како гласал на избори па да „ловиме во матно, посочи Џафери.
Најавеното воздржување на ВМРО-ДПМНЕ од гласањето за владата, од владејачката СДСМ вчера го оквалификуваа како политички парадокс. Порачаа дека ВМРО – ДПМНЕ мора да научи што значи законска обврска и оти законски одредби треба да се почитуваат.
Не би сакала пак да зборувам со флоскули, меѓутоа ако некој понуди свои министри, заземе соодветни ресорси, а не гласа за тие истите тогаш каде е оправданоста? Едноставно станува збор за политички парадокс, рече заменик претседателката на СДСМ и директорка на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска во телевизиско гостување.
Објаснувајќи ги постапките во пресрет на изборот на техничката влада, Џафери вчера појасни дека Владата денеска до него како претседател на Собранието ќе достави информација дека поднесува оставка и тој како претседател на Собранието ќе го извести претседателот на државата за тоа. Џафери ќе го овласти потпретседателот на Собранието Горан Мисовски да ја води седницата утре и потоа ќе поднесе оставка. На утрешната седница на Собранието ќе бидат констатирани оставките на премиерот и неговата, а потоа пред да се гласа дневниот ред, ќе се предложи нова точка – избор на претседател на Собранието. По изборот, во случајов на Јован Митрески за претседател на Собранието, тој ќе го извести претседателот дека од име на мнозинската коалиција во Собранието е избран за претседател. Утре, како што објасни Џафери, претседателот на државата Стево Пендаровски треба да му го довери мандатот за премиер на техничката Влада и роковите ќе почнат да течат.
На 27 претпладне, Џафери до Собранието треба да достави програма и состав на Владата, а седницата за избор треба да биде свикана на 28 јануари. За да се комплетира техничката влада, ќе биде свикана уште една седница на која треба да се гласа за дополнителните заменици министри и за верификација на мандат на пратеник.
Во меѓувреме, во партиите продолжуваат активностите за утврдување на настапот и кандидатите, за евентуални коалицирања…
Во СДСМ, како што информираше Лукаревска, во тек се процеси за предлагање претседателски кандидат и кандидати за пратеници, а дополнително ќе се утврдува како ќе настапуваат на изборите.
Тоа ни е во моментов фокус, понатаму ќе видиме. Треба да направиме разговори на ниво на раководство, да направиме разговори со нашите каолициони партнери, да ги видиме самите анализи, анкети, согледувањата и тн. и потоа да донесеме соодветна одлука. За кадровската понуда на изборните листи рано е се уште да зборуваме. Најдобрата кадровска понуда на овие избори секако ќе ја има СДСМ, заедно со се она што значи коалиција пред се зборувам за коалицијата која што ја имаме во рамки на Парламентот, рече Лукаровска.
Таа најави дека ЕУ агендата ќе биде симболика во рамки на целиот процес на изборна кампања на СДСМ и оти се отворени за сите политички партии кои се стремат кон истото.
Мицкоски, пак, вели дека немаат преговори со никого, но оти сигнали има од сите страни. Тврди дека има партиии кои сакале да пристапат во коалиција со ВМРО – ДПМНЕ, но, истакна дека немаат преговори со ДУИ, но имало луѓе кои се дел од раководството на оваа партија, кои сакаат да влезат во коалиција со ВМРО – ДПМНЕ.
Немаме преговори со ниту едни, ниту со Еворпскиот фронт за промени, во кој се Касами, Гаши и Меџити, немаме ниту со Максим Димитриевски, немаме ниту со овој дел на ДУИ што сака да се ослободи од овие луѓе, немаме со никого. Тоа може да се случува втората половина на февруари, но има сигнали од сите страни. Ние сепак сме во политиката, изјави Мицкоски.
Истакнува дека нивен партнер е народот и оти на политичката сцена албански коалициски партнер би сакале да биде Европскиот фронт за промени на Касами, Гаши и Меџити. Тврди дека не разговарале со лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, но порачува дека „Арбен што тој го знае и неговите ставови, треба час поскоро да излезе од таму и да се приклучи кон антидуи структурата“. За утврдување на претседателскиот кандидат, повтори дека се уште траат анализите и како што вели „дали ќе биде тој или таа“ ќе се знае во втората половина на следниот месец.
OhridNews