Кондуктерот во еден приградски воз во Париз пронашол син ковчег и бидејќи се посемневал дека се работи за бомба повикал полиција, која во ковчегот пронашла 20 златни плочки. Прво ковчегот бил прегледан од пиротехничарите, кои откриле дека неговата содржина е безопасна. Плочките биле тешки вкупно 20 килограми, а нивната вредност била проценета на 800 илјади долари. Со оглед на тоа дека немале службени ознаки, полицијата претпоставува дека биле направени од топено злато.
Истражителите сметаат дека сопственикот намерно го оставил ковчегот во возот плашејќи се од полициска контрола, и дека е малку веројатно дека ќе се јави и ќе тврди дека златото е негово. Полицијата соопштила дека се бара лицето на кое му припаѓало златото. Доколку никој не се јави и не докаже дека е сопственик на златото, пронајдениот ковчег би можел да се квалификува како пронајдено богатство. Во тој случај, златото би било рамноправно поделено помеѓу Јавниот транспорт во Париз и кондуктерот кој го пронашол. Меѓутоа, доколку биде класифицирано како пронајден објект, ќе биде запечатено и ставено во државната ризница.