Туристичката сезона е при крај, а официјално податоци за тоа колку е исправна храната која се нуди во охридските угостителски објекти нема.

Од Дирекцијата за храна не излегуваат со информации дали во текот на летниот период е извршена контрола во Охрид и кои се резултатите од евентуално спроведените анализи. Бројните обиди на OhridNews да стапи во контакт со надлежните служби при Дирекцијата за храна и ги добие ваквите информации завршија без конкретен резултат. Од подрачната единици во Охрид не упатија до Подрачната единица во Битола, во која се вршело сублимирање на податоците од регионот. Од таму, со објаснување дека не се надлежни да даваат информации, не уаптија до Дирекцијата за храна во Скопје. И покрај ветувањето на потпаролот на Дирекцијата за храна дека ќе ја добиеме бараната информација, која беше побарана и по писмен пат, одговор нема.

Нашето искуство говори дека оваа институција во рамки на Министерството за здравство е најзатворената, кога станува збор за информации кои ги засегаат граѓаните.

Според тоа, останува загонетка- дали во охридските ресторани, сендвичари, бурекџилници, особено оние кои продаваат храна на плажите, храната која се нуди е исправна и се чува и подготвува во соодветни услови.

За еден туристичкии град како што е Охрид, во кој преку летниот период престојуваат неколку илјади гости, повеќе од сигурно е дека ваквите информации се од особено значење.

OhridNews