Потрагата по убиеното двегодишно дете Данка Илиќ од Бор продолжува и денеска, а на двајцата осомничени за убиството одреден им е притвор до 30 дена за делото-тешко убиство во соизвршителство. Утринава се упасени уште две лица поврзани со злосторството, јави дописникот на МИА од Белград.

Братот и таткото на педесетгодишниот Д.Д., еден од осомничените за убиството на двегодишната Данка Илиќ од Бор, се уапсени под сомнение дека му помогнале да го скрие телото на девојчето. Ним им е одреден притвор до 48 часа.

Синоќа Вишото јавно обвинителство во Заечар соопшти дека донело наредба за спроведување истражна постапка против осомничените Ј. С. и Д. Д., поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело тешко убиство во соизвршителство.

Се наведува дека осомничените биле сослушани во обвинителството, дека во таа прилика Д. Д. во целост го признал извршувањето на делото, додека Ј.С. се бранел со молчење.

На барање на обвинителството, судијата за претходна постапка на Вишиот суд во Зајечар на осомничените им одреди мерка притвор до 30 дена, поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и уништување или отстранување на трагите на извршување на кривичното дело, како и поради вознемиреност на јавноста.

За натамошниот тек на постапката ќе бидат сослушани сведоци и ќе се изврши потребното вештачење, се наведува во соопштението.

Тие се осомничени дека со автомобил го удриле девојчето, а потоа се договориле да го фрлат телото на детето. Уапсените го признале делото и изјавиле дека телото е на депонија.

Според министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ, има сознанија дека еден од осомничените го префрлил телото на друга локација.

За телото на девојчето вчера се трагаше на местата од каде потекнуваат осомничените, како и на депонијата на стариот пат за Бањско. Пребарана е и фармата на дедото на еден од осомничените.

Борчани спонтано се собираат на градскиот плоштад кај Домот на културата, палат свеќи и оставаат цвеќе.

OhridNews

фото. МИА