Осомничениот за убиството на поранешниот јапонски премиер Шинѕо Абе ќе биде подложен на психијатриска евалуација до крајот на ноември, за да може обвинителите да утврдат дали ќе поднесат обвинение за убиство.

Окружниот суд во Нара денеска соопшти дека им дозволил на обвинителите врз осомничениот Тецуја Јамагами да биде извршена психијатриска евалуација која ќе трае до 29 ноември, кога тие мора да донесат за обвинението.

Јамагами и рекол на полицијата дека го убил Абе поради неговите врски со религиозна организација, која Јамагами ја мрази. Неговата изјава и други докази покажуваат дека Јамагами бил вознемирен затоа што неговата мајка давала големи донации за Црквата на обединување, позната и како секта Мун, поради што семејството банкротирало.

Убиството на Абе го насочи вниманието кон неговите и врските на неговата партија со конзервативната секта Мун.

Членовите на главната опозициска Уставно-демократска партија денеска потврдија дека ќе побараат истрага за тоа како верската организација влијаела врз приговорите на партијата на Абе за воведување истополови бракови и дозволување на брачните парови да не делат исто презиме.

Сектата Мун е основана во Сеул во 1954 година, една година по крајот на Корејската војна. Основана е од Сун Мјунг Мун, самопрогласен месија. Учењата на сектата се засноваат на интерпретациите на Мун на Библијата и на конзервативниот вредносен систем фокусиран на семејството и противењето на комунизмот.

Во септември 2021 година, Абе јавно ја пофали работата на Фондацијата на сектата – Универзален мир.

Врските меѓу сектата Мун и владејачката партија на Абе, која е на власт во Јапонија, потекнуваат од дедото на Абе, поранешниот премиер Нобусуке Киши.