Осомничениот за убиството во Кичево и убиената кичевчанка Верка Крстеска биле во љубовна врска и од пред околу една година имале блиски средби. Ја убил за 3.500 денари, велат од полицијата.

Како што јави „Макфакс“, местото каде што Верка Крстеска беше најдена мртва, било едно од местата каде што се среќавале. На средбата, кога кичевчанката била убиена двајцата започнале вербална рапсравија, а потоа и тепачка.

Според кажувањата на осомничениот за убиството, расправијата започнала бидејќи, според него на една од нивните претходни средби, Верка му украла 3.500 денари.

Полицијата вчера го приведе педесет и седумгодишниот Коста Лазески, осомничен дека минатиот месец со 25 убоди со нож ја убил седумдесет и седумгодишната Верка Крстеска од Кичево.

На местото на убиството е пронајдена футрола од ножот, со кој Верка била убиена. Против приведениот ќе биде поднесена кривична пријава за убиство.

Кичевчанката Верка Крстеска минатиот месец беше пронајдена убиена со 25 убоди од нож во напуштен објект од кичевската болница. Заминала да фрли ѓубре во контенјер и од тогаш не се вратила дома.

Полицијата отфрла било каква поврзаност меѓу ова убиство и убиствата на четирите постари жени кои се случија пред неколку години. За две од тие убиства, беше осомничен новинарот Владо Танески.

По самоубиството на Танески во кофа со вода во истражниот затвор во Тетово случајот остана без завршница.

OhridNews
извор: „Макфакс“