Со доделувањето на пофалници за младите актери и нивните ментори, денеска во Центарот за култура „Григор Прличев“ завршија „Деновите на ученичкиот театар“ кои се реализираа во рамки на проектот „Популаризација на театарот“ што општина Охрид го реализираше во соработка со основните училишта и охридскиот Народен театар.
Пофалниците на учесниците и наставниците им ги врачи заменик градоначалникот на Охрид Ангел Јанев.
-Во текот на манифестацијата „Денови од ученичкиот театар“ имавме можност да ги проследиме извонредните театарски изведби на учениците од основните училишта, кои заедно со нивните наставници- режисери, својата креативност и талент ја прикажаа на сцената и ги упатија пораките на хуманост, соживот, победата на доброто над злото, победата на љубовта, цврстите семејни врски и доказот дека сепак, крвта не е вода. Оваа манифестација која годинава има ревијален карактер, се надеваме дека во иднина ќе ја подигнеме на повисоко ниво и таа ќе добие и натпреварувачки карактер, бидејќи ова е исклучителна можност за да се пробуди креативноста како кај наставниците така и кај најмладите, рече Јанев.
Во рамки на манифестацијата беа изведени ученичките претстави „Соживот“, „Бегалака“, „Чорбаџи Теодос“ и „Дилбер Стана“.
Целта на овој проект е да се негува мајчиниот јазик, да се приближи театарската уметност до најмладата публика и притоа театарот да стане подостапен за секоја возраст.
OhridNews