Министерот за образование и наука Јетон Шаќири при посетата на Струга денеска најави дека основното училиште „Браќа Миладиновци“ во овој град целосно ќе се реконструира и дека наскоро се планира да почне изградба на спортска сала во основното училиште „Нури Мазари“ во село Делгожди.

Инвестицијата е предвидена со проектот на Министерството за образование и наука за изградба на училишни спортски сали и реконструкција на постојни училишни објекти, финансиран од Банката за развој при Советот на Европа.

Како што соопшти МОН, Шаќири истакна дека основното образование значително се модернизира во последниот период, не само преку изработка на нови наставни програми и учебници, туку и преку вложувања во инфраструктурните услови.

Само во моментов градиме седум објекти за основно образование и четири училишни спортски сали, а реконструктивни активности се одвиваат во 40-ина училишта. Исто така, во сите основни училишта се испорачува и нова опрема за кабинетите по природни науки и јас денеска лично се уверив дека динамиката на испорака на новите нагледни средства и помагала по математика, хемија, физика и биологија се одвива според планираното. Така што, до почетокот на новата учебна година голем дел од активностите за подобри услови за основните ќе бидат целосно заокружени, изјави Шаќири при посетата на ОУ „Браќа Миладиновци” во центарот на Струга и на подрачното основно училиште во селото Враништа, коe е во склоп на основното училиште „Јосип Броз Тито” од градот Струга.

Шаќири разговараше со училишните раководства за постигнувањата на овие училишта во тековната учебна година, како и за предизвиците со кои се соочуваат.

Министерот рече дека поддршката која ја обезбедува МОН, како досега така и во иднина ќе биде подеднаква за сите општини и училишта во државата, па така нема да изостанат ниту струшките училишта, информира Министерството за образование и наука.

OhridNews