На темпратура од минус неколку степени струшките основни училишта и градинки од вчера се без затоплување, откако скопската фирма “Мондинг логистика“ која победи на тендерот за испорака на нафта минатата недела ја известила Локалната самоуправа дека го прекинува договорот и престанува со испорака на потребните количества нафта. Истата оваа фирма победи на тендерот и минатата година, но општината Струга потпиша договор со друга фирма поради што МВР поднесе кривична пријава против одговорните лица во општината.
Со ваквиот однос на „Мондинг“ се докажуваат нашите тврдења дека станува збор за несериозна компанија вели градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко. „Ако беа потребни според планот и програмата 10 тона се носеа 3 тона, ако беа потребни 5 се носеше само 1 тон, и од тука се виде несериозноста на оваа фирма. Мислам дека е ова е политичка игра“, рече Мерко.
Од секторот за образование при Општина Струга велат дека поради настанатиот проблем наставата во основните училишта и градинките во градотт од вчера е во прекин, а деновиве доколку ситуацијата не се реши, ќе биде прекината наставата и во двете средни училишта „Нико Нестор“ и „Ибраим Темо“, бидејки и тие ги користат последните залихи нафта со кои располагаат.
Мики Трајковски