Основниот суд Скопје 1 Скопје, вчеравечер соопшти дека судија на претходна постапка од споменатиот суд донел решение со коешто забранил да се користат прислушуваните материјали, или ткн „бомби“ кои со месеци ги емитуваше најголемата опозициска партија СДСМ како наводни сведоштва за корумпираноста на челните луѓе од актуелната власт, како докази во истражната постапка, бидејќи биле собрани на незаконит начин.

 „По барање на одредени медиуми на кои во текот на денот им беше одговорено по писмен пат, ја информираме јавноста дека постапувајќи по барање за издвојување на докази од списи на Основното Јавно обвинителство согласно чл. 93 вв чл 12 од ЗКП, поднесено од адвокат Никола Додевски, судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, донесе решение со кое се уважува барањето за издвојување на докази – снимки од телефонски разговори и транскрипти на истите од предметите на Основното јавно обвинителство оформени по поднесена кривична пријава на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“, се наведува во соопштението на Судот.

Адвокатот Додевски ги искористил законските одредби кои на судијата на претходна постапка му даваат надлежност да ја цени законитоста во водењето на истрагата од страна на јавниот обвинител и прибирањето на доказите. Меѓутоа, ова решение сé уште не е правосилно, бидејќи обвинителот на тоа има право на жалба до Апелациониот суд.

„Во барањето до судија на претходна постапка, наведено е дека до ОЈО Скопје поднесени се кривични пријави и се води постапка против осомничените Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиевски, Кирил Божиновски, Сашо Мијалков, Ирена Мишева, Мартин Протуѓер, Тони Трајковски и Коце Трајановски, а снимките од телефонски разговори и траснкрипти од истите приложени како доказ во предметите за сторено кривично дело треба да се издвојат како незаконски прибавени докази, бидејќи согласно чл. 12 с.2 од ЗКП не може да се користат и врз нив да се заснова судска одлука, а согласно чл. 93 од ЗКП надлежен за донесување на решение за издвојување докази од списи е судија на претходна постапка најдоцна до завршување на истражна постапка“ се појаснува во образложението на Основен суд Скопје 1.

Се додава дека постапувајќи по ова барање, судијате на претходнате постапка, со допис од 26-ти август побарал од Основното јавно обвинителство Скопје да ги достави сите оформени предмети против премиерот, министрите и другите функционери , и оти било побарано Обвинтиелството да се изјасни за секој предмет пооделно дали сé уште траат истражните постапки или се завршени, како и во прилог на секој предмет да достави известување дали од страна на обвинителството бил поднесен предлог за издавање на посебни истражни мерки за следење на комуникации на наведените осомничени лица.

„Основното јавно обвинителство Скопје до Судот достави 27 оформени предмети заведени под различни РО броеви, со прилог електронски записи снимени на ЦД-а и транскрипти во секој од предметите, наведувајќи дека за наведените осомничени лица ОЈО Скопје нема побарано примена на посебни истражни мерки – следење на комуникации, како и тоа дека истражните постапки во сите предмети сé уште не се завршени односно обвинителството продолжува со истрагата“, се истакнува натамо во судскиот допис до медиумите.

„Постапувајќи по барањето и ценејќи ја единствено законитоста на доказите без впуштање во содржината на постапката која ја води Јавното обвинителствот, а имајќи го во предвид писменото известување добиено од ОЈО – Скопје, судија на претходна постапка го уважи барањето за издвојување на аудио записите содржани на ЦД и траснкрипти од истите како доказ од списите на предметите. Аудио записите и транскриптите се затвораат и се чуваат кај сдија на претходна постапка при овој суд одвоени од другите списи при што неможат да се користат во постапка, бидејќи согласно Законот за следење на комуникации и измените на истиот, во зависност од периодот од кога се пријавуваат осомничените, посебните истражни мерки за следење на комуникации се издаваат по барање за донесување наредба за следење на комуникациите, до надлежен судија кое се поднесува од надлежен Јавен обвинител по сопствена иницијатива или друг овластен орган согласно овој закон и наредбата се издава со ограничен рок на траење наведен во наредбата. При уважување на ова барање судијата на претходна постапка ги имаше во предвид чл. 93, чл 252 и чл. 12 од ЗКП како и чл. 9, чл. 8, чл. 7 и чл. 15 од Законот за следење на комуникации“, се заклучува во соопштението од Основен суд Скопје 1 – Скопје“.

OhridNews

Извор:„Макфакс“