Нашето учество во извршната и законодавната власт придонесе да донесеме бројни закони со кои суштински ја афирмираме и ја унапредуваме положбата на жената во општеството, но има уште работа зашто и понатаму жените се најчесто жртви на говор на омраза, а женската солидарност сѐ уште не е на посакуваното ниво, рече претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Јована Тренчевска во обраќањето на Маршот по повод 8 март што се одржа денеска во Прилеп.
Тренчевска потсети дека помина речиси четврт век на организирано дејствување на жените во СДСМ преку Форумот на жени. И не е слчучајно што годинашниов осмомартовски марш е во Прилеп, градот на хероините од НОБ и градот каде се печател и првиот женски весник „Македонка“ како орган на АФЖ. Прва печатена публикација уредувана од жени и посветена на проблемите на жените во Македонија.
Парламентот и општинските совети денес изгледаат сосема поинаку од пред две децении. Таму рамноправно сме застапени и подеднакво одлучуваме и ние жените за важните државотворни и животни прашања. За разлика од другите, жените од СДСМ подеднакво партиципираат и во извршната власт. Бројни се достигнувањата, но мора да бидеме искрени и да си признаеме дека во некои области не ги постигнавме зацртаните цели, нагласи Тренчевска.
Според неа, евидентно е слабото учество на жените како кандидатки за градоналнички, односно имаме само една жена избрана градоначалничка од нашите редови.
Недоволен е бројот и на жени претседателки на ОО. Недоволен е бројот на жени менаџерки. И понатаму медумското претставување на жените е полно со стереотипи и предрасуди поврзани со родовите улоги.И понатаму жените се најчесто жртви на говор на омраза. Женската солидарност сеуште не е на посакуваното ниво, рече Тренчевска во обраќањето во Прилеп.
Претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски истакна дека „Еднакви и моќни“ не е само слоган, туку и перспектива, потреба на државата. Родовата еднаквост не е само женско, туку е и општествено прашање.
СДСМ секогаш ги препознавал и почитувал моќта и способноста на жените кои и денес се наоѓаат на важни челни позиции. Со именувањето на Каја Шукова за министерка за животна средина имаме 50:50 застапеност на жени и мажи именувани на министерски позиции. А сакам да зборувам и за успешната жена земјоделка, тутунарка, за жената доктор, учителка, бизнисменка. Сите имаат потреба од споделени обврски со мажите дома за вистинско споделување на родовата еднаквост. Ова не е само женско, туку и општествено прашање кое сериозно влијае на развојот на државата. Родовите политики се меѓу врвните политики на нашата влада, истакна тој.
Ковачевски во оваа прилика соопшти дека со коалиционите партнери прави нови усогласувања што ќе ја унапредуваат родовата еднаквост – измени и дополнувања на Изборниот законик во правец на постигнување целосна родова еднаквост во листите за пратеници и советници.
Измени и дополнувања во законот за Влада за воведување најмалку 40 проценти жени во извршната власт, а и измени и дополнувања на изборниот законик за воведување квота од 30 проценти од помалку застапениот пол за избор на градоначалници. Иницираме донесување родово сензитивен деловник за работа на Собранието и да биде до крајот на оваа година. Иницираме и законско регулирање на интернет просторот за спречување говор на омраза, рече меѓу другото Ковачевски при денешното обраќање во Прилеп.
OhridNews
Фото: СДСМ