Под мотото „Купете цвет за подобар свет“ на градскиот плоштад денес и утре се одржува хуманитарна акција во организација на Факултетот за туризам и угостителство Охрид. Целта е да се соберат средства кои ќе бидат донирани, но и да се поттикне хуманоста кај студентите вклучени во продажбата, како и кај охриѓани и гостите.

Со студенти од Факултетот организираме штанд за хуманитарна продажба на цвеќиња, денес и утре. Идејата ми е да ги анимирам студентите да покажат хуманост, а собраните средства ќе бидат наменети за дете со посебни потреби од Охрид. Продажбата се одвива со дисконтни цени, поприфатливи се, со цел да покажеме хуманост како охриѓани во вакви денови. Го користиме моментумот на 8-ми Март, вели проф д-р Зоран Тунтев.

Посочува дека слични хуманитарни акции биле реализирани до пред Ковид кризата, а целта на годинешниот настан е да прерасне во традиција.

Моментумот е многу убав, има многу гости низ чаршијата и тие најдобро реагираат. Посебно се воодушевени гостите од Србија. Има и кутија за донации, кој сака да остави дополнително средства, потенцира Тунтев.

На штандот, покрај цвеќето може да се купат и мартинки, плишани играчки и слични декоративни елементи во период од 11 до 17 часот.

Н.С.Ј.