Основното јавно обвинителство Струга поднесе Обвинителен предлог против градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко, за „несовесно работење во службата“, за како што информираат повреда на законските прописи при именување вршител на должност – директор на општинско основно училиште во селото Радолишта.

Како што соопштуваат од ОЈО, обвинетиот свесно ги повредил законските прописи при именување на в.д. директорот.

Иако Законот за основно образование предвидува дека вршител на должноста директор се избира од редот на вработените во училиштето кои ги исполнуваат условите за директор, обвинетиот на 12.01.2022 година за вршител на функцијата во училиштето во Радолишта именувал лице кое не ги исполнувало таквите услови, односно немало работно искуство од најмалку пет години во воспитно-образовна работа, стои во соопштението од ОЈО.

Дополнуваат дека именуваната ја вршела функцијата директор на училиштето во периодот од 12.01.2022 до 31.07.2023 година, за кој период ѝ биле исплатени плата и придонеси како в.д. директор со што му била нанесена штета на училиштето.

Ова е осмо поднесено обвинение за градоначалникот на Струга. Покрај за несовесно работење, против него има обвиненија и за бесправно градење како и за фалсификување на исправа.

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од лани е на „црната листа“ на Соединетите Американски Држави (САД) поради вмешаност во корупција.

OhridNews