Со филмот „Борците“ на Тома Каје од 2014, добитник на две награди „Цезар“, утревечер во кино „Милениум“ ќе биде отворен осмиот Фестивал на францускиот филм кој ќе се одржува до 20 јуни во Скопје и Охрид.

Ќе бидат прикажани најнови филмови снимени минатата и оваа година, а покрај проекции ќе има и средби и разговори со ексклузивните гости, работилници, музичка вечер на францускиот оркестар Ф.А.М.Е.’С. со седиште во Скопје и првпат годинава натпревар „Моето прво минивидео“.

На фестивалската програма се насловите: „Диши“ во режија на Мелани Лоран, „Со кренато чело“ на Емануел Берко, „Од петни жили“ на Нилс Таверние, „Глупа гуска – принцеза на срцата“ на Камиј Котен, „Семејството Белие“ на Ерик Лартиго и „Француска врска“ на Седрик Хименез, како и „До гледање кловну“ на Клод Бери од 1983 година, во чест на актерката Ањес Сорал, која е гостинка на фестивалот и лауреат на овогодишната почесна награда „Златна маска“.

Покрај Сорал, гости на фестивалот ќе бидат и актерите Дијан Руксел и Антоан Лоран, продуцентот Ален Мајор, композиторите Брис Даволи и Фред Корсјал и Одре Бијар, член на асоцијацијата ОФФ од Трувил.

Фестивалот ќе заврши во сабота со проекции на најгледаните француски филмови – „Семејството Белие“ во Центарот за култура во Охрид и „Француска врска“ во киното „Милениум“ во Скопје.

OhridNews