Осми Март е Меѓународен ден на жената, со кој се одбележува борбата на жената за подеднакви права и обврски со мажот.  

На Социјалистичката интернационала во Копенхаген во 1910 година предложено е одредување на Меѓународен ден на жената со кој треба да се одбележи движењето за правата на жената, а за прв пат тој е одбележан на 19 март 1911. Во 1975 година со Повелба, ОН предложија за Меѓународен ден на жената да се одбележува Осми Март.

Некогаш одбележуван како датум кој ја симболизира борбата на жената за рамноправност, денеска кај нас Осми Март се празнува со свечености, средби во кафулиња и ресторани и излети во странство. Иако поскромно, така е и оваа година. Дел од угостителските објекти во Охрид од поодамна се резервирани за осмомартовското празнување, цвеќарниците беа празнично снабдени со свежо цвеќе, а низ чаршијата врвулица од луѓе кои купуваа подароци за 8-ми Март.


Годинава 8-ми Март се празнува во екот на предизборната кампања. По тој повод кандидатите за градоначалник на Охрид и за членови на Советот, денеска упатија честитки до припадничките на понежниот пол. Дел од нив беа во посета на институции или присуствуваа на настани организирани од здруженија на жените. Кандидатите за градоначалник на Охрид од ВМРП ДПМНЕ, Кирил Трендафилов – Нанче и на НСДП, Ацо Попоски, денеска остварија посета на гинеколошкото одделение при општата болница во Охрид, додека кандидатот за градоначалник на СДСМ, Александар Петрески учествуваше во осмомартовскиот марш низ улиците на градот, што го организираа жените од СДСМ.

Редакцијата на „Ohridnews“ на сите припаднички на понежниот пол им го честита 8-ми Март!

Ohridnews