– За среќа нема тешки случаи кои што бараат интензивна нега, или смртни случаи за разлика од земјите во регионот, но тоа не значи дека со зголемување на бројот на заразени нема да ги има, вели во изјава за Ohridnews, министерот за здравство Бујар Османи.
Тој вчера во Скопје и Охрид се сретна со високите претстaвници на Светската здравствена оранизација за Европа, кои истакнаа дека земјата ги има направено неопходните подготовки за спречување на ширење на вирусот и намалување на последиците од светската пандемија.
Османи уверува дека Македонија ги има набавено потребните количини антивирусни лекови, а болничките капацитети се подготвени за прифаќање на пациентите. Тој информираше дека вакцините против свинскиот грип се очекува да пристигнат во земјава до крајот на ноември кога ќе започне вакцинирањето на здравствените работници и најосетливите категории граѓани.
Министерот за здравство истакна дека се обзебедени и доволни количини санитетска опрема, но засега, како што рече, нема потреба од дополнителни мерки.
– Ние имаме и маски и други ресурси, но сметаме дека сеуште нема потреба да се подигне до тоа ниво заштитата. Најбитно е одржување на личната хигиена, миење на рацете, избегнување на непотребни собирања и одржување на таканаречена социјална дистанца помеѓу луѓето и се разбира останување дома доколку се појават симптоми на грип, рече Османи.
Тој истакна дека сите оперативни мерки кои ги презема Комитетот за справување со пандемскиот грип се според препораките на СЗО, која оцени дека Македонија е подготвена за справување со евентуалната ескалација на состојбата.