Нема нов догоговор со Бугарија, туку зајакнување на меѓусебната комунијација на сите нивоа, порача денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Тој преку својот Фејсбук профил се огласи во врска со вчерашните тврдења изнесени од лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека на средбата со Захариева во Софија добил предлог за нов договор, налик на Преспанскиот, кој ќе подразбира уставни измени и со кој ќе се дефинира постоењето на македонската нација и јазик од 1945 година до денес.

Околу односите со Бугарија и мојата посета, сакам да истакнам: нема нов Договор, туку има засилување на меѓусебната комуникација на повеќе нивоа. Притоа отворено разговараме за сите прашања кои произлегуваат од Договорот за пријателство, ги преземаме сите чекори за да им обезбедиме на Комисиите непречена работа, за што испративме јавна благодарност за нивниот досегашен резултат, како и охрабрување за интензивирање на нивната работа. Впрочем, Мешовитата експертска комисија веќе утре и задутре ќе одржи средба во Скопје, што ќе претставува уште еден чекор кон исполнување на обврските од договорот, нагласи шефот на дипломатијата.

Османи истакна дека посета на Бугарија била позитивна, бидејќи се отвориле сите прашања, се зајакнала меѓусебната комуникација, но најважно, се реафирмирала заедничката желба и заедничкиот интерес за европската перспектива на Република Северна Македонија.

Тоа јавно го истакнав и јас во Софија, а го потврдија и премиерот Бојко Борисов и министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева. На крајот, дозволете да повикам на сериозност и политичка зрелост. Односите со соседите не се регулираат со пласирање секојдневно информации во јавноста, а уште помалку шпекулации или тенденциозни изјави кои имаат за цел да ја вжештат атмосферата. Европската перспектива е предизвик за целата земја, а не само на Владата, и претставува обврска за секој од нас, нагласи Османи во својата објава на Фејсбук.

Продолжува со работа Македонско – бугарската комисија

Прашања и теми во насока на надминување на истриографските спорови, но и прашања кои во изминатиов период претставуваа пречка во работата на Комисијата ќе бидат ставени на маса на десеттата средба на Билатералната мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, која ќе се одржи утре и задутре во Скопје.

На средбаta, која се одржува по долга пауза во работата на Комисијата, предвидено е да се заврши со веќе започнатата дискусија во однос на усогласување на препораки за учебниците по историја за 7 одделение во Северна Македонија.

По долга пауза како последица на Ковид 19 пандемијата, на 15 и 16 октомври во Скопје, ќе се одржи десеттата средба на Комисијата. На средбата ќе бидат разгледувани прашања и теми во контекст на надминување на историографските спорови кои претставуваат пречка во градењето на добрите односи и пријателство помеѓу двата народи и двете држави. Покрај вообичаените теми, учебниците за историја и предлог идеите за заедничко одбележувањена историски личности и настани, Комисијата ќе дискутира и за теми и прашања кои во изминатиов период претставуваа пречка во работата или, пак, причина работата на Комисијата и нејзиниот академски и експертски карактер да бидат политизирани со што се предизвикува штета на процесот на градење добрососедски и пријателски односи, велат од македонскиот тим на Комисијата.

Продолжуваат со работа Македонско-бугарската комисија

По завршувањето на средбата в петок на 16 октомври во 17:45 часот во Клубот на пратеници е предвидена заедничка изјава за медиумите на двајцата копретседатели на Комисијата, Драги Ѓоргиев од македонка страна и Ангел Димитров од бугарска страна.

Десеттата средба е прва средба на Комисијата оваа година. Во јуни, Комисијата одржа еден виртуелен состанок на кој се дискутираше за содржината на записникот од деветата средба.

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, која треба да се произнесе за заедничко одбележување личности и настани од заедничката историја и да помогне во надминување на различните толкувања, досега успеа да постигне одреден напредок во однос на античкиот период и средниот век, но не и согласност околу прашањето за Гоце Делчев.

Досега, за период од две години Комисијата има препорачано заедничко одбележување на пет историски личности од значење за историјата и културата на македонскиот и бугарскиот народ, но и за другите народи на Балканот и во Европа – Свети Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и цар Самуил. Усвоени за препораки и за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во земјава и петти клас во Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период од минатото, како и препораки за подобрување на учебниците за 6 клас/7 одделение.

Се потврдија проценките и од двете страни дека најмакотрпен период за разгледување ќе бидат токму настаните и личностите од 19 и почетокот на 20 век, периодот на појавата на културни, духовни и политички движења, кои се јавуваат на територијата на земјава, каде што има сериозни разидувања во двете историографии.

OhridNews