Од вкупно мапираните  100 граѓани и нивни семејства во средина на јануари во Украина, преку апелите за напуштање на Украина пред започнување на воените конфликти, можноста ја искористиле околу 20 граѓани, додека по започнување на воениот конфликт од 24 февруари успеавме да извлечеме околу 30 наши граѓани преку безбедносни коридори креирани во соработка со нашите партнери, информираше денес министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Од нив 15 се монитори во специјалната мисија на ОБСЕ, останатите 15 се граѓани, цивили извлечени се преку партнерска соработка, пред сѐ со Бугарија. Шестмина од нив од Одеса преку генералниот конзулат на Бугарија и 10 од Киев вчера преку конвој којшто го обезбеди Република Бугарија извлекувајќи околу 200 нивни граѓани при што ги преземаа и нашите граѓани. Така да околу 15-16 се извлечени иако бројката варира рече Османи.

Од вкупниот број на мапирани 50 се веќе извлечени и уште толку треба да се евакуираат. Од овие 50 останати не се сите наши државјани, дел се семејства нивни и се очекува денеска поголем дел од нив да ги евакуираме, рече Османи. Од тие 50, како што информира тој, 20 се во Киев, 20-ина се во други градови низ Украина. Очекуваат денеска да ги извлечат и останатите ОБСЕ монитори од Украина.

Има едно семејство со петдневно бебе во Харков каде се одвиваат најголемите воени дејствија во моментот. Ние сме во постојана комуникација со нив. Тие реално не можеле да одговорат на нашиот повик за да ја напуштат Украина затоа што чекале термин за породување којшто се случил неколку дена пред руската инвазија. Имаме комуникација со многу држави, за тие кои имаат пристап до тој град, кој се наоѓа до границата со Русија, очекуваме денес ако успееме да го извлечеме тоа семејството, информира Османи.

Продолжуваме со активностите. Околностите се менуваат континуирано на терен. Нашите очекувања се дека ќе се влошат околностите уште повеќе, меѓутоа мораме во такви околности да најдеме начини да ги евакуираме нашите граѓани и тоа е наш прв и најважен приоритет секој од нив да го извлечеме, меѓутоа безбедно, рече Османи.

OhridNews