Еден од најважните стратешки приоритети на Северна Македонија како актуелен претседавач со САД – Јадранската повелба (А5) е создавањето нов стратешки концепт кој треба да претставува рефлексија на улогата на иницијативата во претстојната декада и во контекст на новите геополитички околности.
Ова го истакна шефот на дипломатијата Бујар Османи на заедничка прес-конференција со амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, по работниот состанок со амбасадорите на земјите членки и набљудувачи на А5 – САД, Албанија, БиХ, Хрватска, Црна Гора, Косово, Србија и Словенија, на која беа претставени приоритетите и целите на Северна Македонија за време на претседавањето со Повелбата во 2023 година. Формирана во 2003 година, А5 две децении генерира стабилност и безбедност во овој дел од Европа и претседавањето со неа, како што посочи Османи, претставува најважната иницијатива за промоција и заштита вредностите на НАТО во регионот.
Јадранската повелба во голем дел ја има исполнето целта за која беше формирана. А5 одигра важна улога во процесот на евроатлантска интеграција на земјите од регионот и денес практично сите три земји основачи на Повелбата, плус Црна Гора, како подоцнежна членка веќе се членови на НАТО. Нашето претседавање се совпаѓа со одбележувањето на 20-годишнината од формирањето на А5. После две декади постоење, геополитичките околности видно се променети, низ целиот континент, а не само во регионот. Ова особено по воената агресија на Русија врз Украина. Соодветно на земјите членки ќе им понудиме еден вид адаптација на основниот наратив на Повелбата, практично нов стратешки концепт кој треба да ја зајакне улогата на А5 во регионот, но и да ги адаптира нејзините цели и мисии соодветно на новите безбедносни предизвици и околности во кои се наоѓа регионот, рече Османи.
Амбасадорката Агелер, му честиташе на министерот Османи и на Владата за претседавањето со САД – Јадранската повелба и со ОБСЕ, посочувајќи дека земјава презема исклучителна лидерска улога во заедницата на европските народи во клучно време.
Унапредувањето на европската безбедност и стабилност никогаш не било толку важно за Европа како што е денес. Руската предумислена, неиспровоцирана и незаконска воена агресија врз Украина даде отрезнувачки потсетник за неопходноста од организации како НАТО и ОБСЕ. Заедничкиот одговор без преседан од државите кои што бараат мирна и стабилна Европа даваат знак дека постојат последици за поткопувањето на европската безбедност и меѓународниот поредок заснован врз правила, рече Агелер, потенцирајќи ја важноста од соработка меѓу државите кои имаат заеднички цели.
Таа изрази уверување во капацитетите на Северна Македонија, не само за дефинирање на идната улога на А5, туку и за адресирање на клучните прашања за европската безбедност за време на нејзиното претседавање со ОБСЕ, реафирмирајќи ја поддршката на САД.
Во предлог документот што е подготвуван подолго време, а кој денеска Османи го претставил пред амбасадорите од А5, меѓу другото се предлага зајакнување на меѓусебната соработка и координација со земјите од Повелбата кои се членки на НАТО, дефинирање на спектар механизми за поголем ангажман на членките на Повелбата, кои не се дел од НАТО.
Оваа наша амбициозна цел веќе беше тема на дискусија за време на Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, што се одржа во јуни, минатата година во Вашингтон. Имаме поддршка од нашиот стратешки партнер – САД да го започнеме овој процес, што е во функција на поефикасно справување на земјите од регионот со денешните предизвици. Дополнително, креирањето нов Стратешки концепт влегува и во Планот за активности во рамки на Стратешкиот дијалог со САД, што се очекува наскоро да биде усвоен на владина седница, порача Османи.
САД – Јадранската повелба, се смета за уникатен форум на соработка која во своите редови ги има земјите од регионот и САД. Формирана е под покровителство на САД во 2003 година и има за цел да ги координира активностите за поддршка на земјите аспиранти за членство во НАТО. Членки на иницијативата покрај Северна Македонија се и Албанија, БиХ, Хрватска и Црна Гора, додека Србија Словенија и Косово се со статус на набљудувачи.
OhridNews