Претседателскиот кандидат на Европскиот фронт Бујар Османи во рамки на кампањата за претстојните претседателски избори денес оствари средба со охриѓани.

Османи ја искористи средбата со граѓаните за да ја сподели својата визија и заложбите, фокусирајќи се на планираната политичката агенда и заложбите како следен претседател.

Ова се специфични избори, историски, во коишто понудата е меѓу два алтернативни принципи, интеграција наспроти изолација, соживот наспроти етничка недоверба и тензии, прогрес наспроти враќање назад. Тоа се две понуди кои им се даваат на граѓаните на овие избори. Како кандидат на Европскиот фронт ја нудам интеграцијата во Европската Унија и тоа во наредните пет години, како заокружување на овие седум години напори да станеме членка на Европската Унија како министер за надворешни работи. Ако ми успеа како министер да ги отворам преговорите со Европската Унија, како претседател можам да ветам дека ќе го заокружам тој процес и до крајот на мандатот да станеме членка на Европската Унија, рече Османи.

Потенцираше дека Европскиот фронт нуди соживот, наспроти опцијата која бара 61 пратеник за да се исклучат другите.

Денес и пратив и порака на мојата против кандидатка професорката Силјановска дека барањето 61 пратеник е наспроти сите начела на соживотот и мултиетничката демократија. Да прекинеме со говорот на омраза. Оваа држава може да биде богата, просперитетна и успешна само ако сите имаме еднакви права и можности. Тоа го нудам јас како кандидат за европски претседател. Соживот, еднакви можности за сите. Секое дете независно од кое семејство доаѓа, од која етничка заендица, сиромашни или богати, од село или град, да има исти можности да успее. Тоа е мојата понуда за која барам поддршка од граѓаните, додаде Османи.

Османи од Охрид продолжува на средба со граѓаните на Преспа и Битола.

Н.С.Ј.