Независно како ќе одржат бидат изборите, дали ќе бидат споени или не, ние сме во последните недели од политичкиот мандатот на оваа Влада. Така што, прашања во врска со излегување, влегување од Владата веќе не се релевантни, вели шефот на дипломатијата и потпретседател на ДУИ Бујар Османи.

Прашан дали е можно Владата да го изгуби мнозинството во Собранието со оглед на вчерашната изјава на лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари дека е можно да излезат од владеачката коалиција поради неусвојувањето на Законот за амнестија, Османи вели дека имат добра соработка во Владата со министрите на АА.

Со Алијанса имаме добра соработка на ниво на Влада, со министрите апсолутно немаме никакви разлики по однос на работата што ја вршиме, имаме одлична комуникација, рече Османи на новинарско прашање по заедничката прес-конференција со министерката за надворешни работи на Романија, Луминица Одобеску која престојува во работна посета на Северна Македонија.

Во однос на датумот за изборите, ова прашање според него, бара консензус од сите политички актери и не треба да се политизира.

По однос на изборите реков, ова не е прашање што кој било треба да го наметне на друг. Ако има едно прашање на кое што сите треба да бидат задоволни тоа се изборите. Бидејќи изборите бараат рамен терен за натпревар. Не може да фаворизирате која било страна. Затоа кај нас има т.н. Пржинска влада во која што влегува опозицијата со двајца министри, тројца заменици-министри, поднесува оставка актуелниот премиер за да се овозможи рамен терен за избори. И датум за избори мислам дека е дел од тој рамен терен. Ние ќе се обидеме неоптоварени да аргументираме која варијанта е подобра. Јас реков и вчера ако зборувам како ДУИ внатрешните анкети ни покажуваат дека во која било варијанта ние сме убедливи победници во албанскиот политички блок, така што тоа нема да ни влијае нам како партија. Тоа што треба да пресметаме е како ќе влијае на институциите, како ќе влијае на трошоците, на другите финансиско – логистички прашања и мислам дека тој разговор не треба да биде премногу политизиран. Треба да седнеме секој да си го каже својот став да видиме кога е најдобро. Дали две недели порано или покасно мислам дека не игра улога за ниту една политичка партија, рече Османи.

Прашан во однос на техничкиот премиер тој посочи дека ќе биде предложен од ДУИ, а кој би бил нивен избор за тоа ќе одлучат партиските тела најдоцна до првата половина на декември.

Не можам да соопштам име бидејќи треба органите на партијата тоа претходно да го одлучат, па да го предложат до коалиционите партнери. Така што има неколку филтри низ коишто се поминува, меѓутоа остануваме на политичкиот договор дека премиерот во последните 100 дена ќе биде предложен од страна на ДУИ. Мислам дека би требало до крајот на ноември, максимум прва половина на декември, рече Османи.

OhridNews