Негативниот тренд на скрнавење на спомен обележја во Охрид и Струга деновиве продолжи. Споменикот на холандскиот писател А. Ден Долард во близина на мостот кај каналот Студенчишта е последната жртва на вандалите кои испишале куп нискости и го нагрдиле ова спомен обележје.
Дрскоста на хулиганите отишла дотоаму што оставиле и датум кога го извршиле “ремек делото“. Не се знае во кој период од денот го направиле тоа, бидејќи никој не ги забележал. Вулгарностите испишани на споменикот не се вредни за коментар, но “авторите“ заслужуваат секаква осуда.
вандали опустошија уште еден споменик
Спомен обележјето на холандскиот писател од минатиот век, А. Ден Долард, кој две од своите дела “Свадбата на седумте цигани“ и “Ориент експрес“ ги посветил на Македонија и Охрид, на иницијатива на Холандската стопанска комора во земјава, беше подигнато пред неполна година во близина на кејот. Иницијаторите веруваа дека со тоа ќе привлечат не само нови туристи туку и капитал од Холандија, но некому едноставно не му е ни до туризам а уште помалку до култура.
споменикот на А. Ден Долард
Инаку скрнавењето на споменикот на А. Ден Долард е четврто вкупно за неполн месец. Претходно два пати настрада спомен обележјето на револуционерите од НОВ кај зградата на синдикатот во Охрид , а во Струга од алејата на писателите беа украдени брознезните бисти на поетите Ацо Шопов и Славко Јаневски, како и бистата на паднатиот борец од НОВ, Никола Кукунешоски-Дунѓерски.
Г. Момироски