Свеченото доделување на Оскарите ќе се одржи на 2 март, а членовите на Американската филмска академија може да се изјаснат за своите фаворити до вторник, 17 часот кога гласањето ќе биде официјално затворено, пренесува „Макфакс“.
Американските медиуми како и секоја година се занимаваат со тоа кој ќе биде меѓу добитниците на најпрестижните филмски награди во Холивуд.
Во трката се издвојуваат три филмски остварувања кои веќе добија признанија на бројни филмски доделувања, а тоа се „12 години ропство“, „Гравитација“ и „Американски измамници“.
Иако американските критичари се согласуваат дека секој од овие три филмови би можел да ја понесе златната статуетка, повеќето и даваат предност на историската драма на Стив Меквин, „12 години ропство“. Потресната приказна за Соломон Нортуп, слободен афроамериканец кој е киднапиран и кој 12 години ќе ги помине во ропство на плантажи за памук во Луизијана, има девет номинации и се наоѓа на врвот на листата на фаворити за Оскар.
Возбудливата галактичка драма „Гравитација“ на Алфонс Куарон за двајца астронаути изгубени во вселената кои ги глумат Сандра Булок и Џорџ Клуни, би можела да добие Оскар, но пред се за режија отколку за најдобар филм, сметаат холивудските критичари.
Трет фаворит за најдобар филм е „Американски измамници“ на Дејвид О Расел, кој не враќа во седумдесеттите и времето на финансиските скандали.
Но, може да се очекуваат изненадувања, па така еден од останатите шест филмови во конкуренцијата „Капетан Филипс“, „Небраска“, „Филомена“, „Волкот од Волстрит“, „Клубот на купувачи од Далас“ и „Таа“ би можел да биде аутсајдер кој на крајот ќе ја однесе победата.
Оскарот за најдобар режисер најверојатно ќе го добие Куарон, иако наградата би можела да му припадне и на Меквин и со тоа да стане прв режисер афроамериканец кој го освоил трофејот во историјата на Американската филмска академија.
Сепак, се чини дека гласачите најверојатно наградите за режија и филм ќе ги поделат меѓу овие два филма, како што до сега е направено 10 пати во повеќедецениската традиција на Оскарите, последен пат минатата година кога „Арго“ беше прогласен за најдобар филм, додека Анг Ли ја понесе наградата за најдобра режија за „Животот на Пи“.
Што се однесува до наградата за најдобар актер, ситуацијата е покомпликувана.
Во машка категорија се номинирани Брус Дерн за улогата во „Небраска”, Леонардо Ди Каприо за „Волкот од Волстрит”, Метју Мекконахи во „Клубот на купувачи од Далас”, Чиветел Еџиофор за „Дванаесет години ропство” и Кристиан Бејл за „Американски измамници”.
Фаворит е Мекконахи, кој со улогата на заболен од СИДА на убедлив начин излезе од шаблонот на романтични комедии по кои беше препознатлив и зачекори во светот на сериозната глума. За оваа улога ослабна 20 килограми и за неа освои Златен глобус и награда од Здружението на филмски и телевизиски актери (САГ) што е своевидна гаранција за Оскар.
Зад него е Еџиофор кој на доделувањето на наградите БАФТА во Лондон го освои признанието за најдобар актер.
Во трката за Оскар за најдобра женска улога би можело да се рече дека од самиот почеток води Кејт Бланшет за улогата во филмот на Вуди Ален „Син Јасмин“. Австралиската актерка за улогата на њујоршка џетсетерка која останува без пари веќе собра многу признанија, па нема да зачуди да освои втор Оскар во нејзината кариера.
Нејзини конкурентки се Ејми Адамс за ролјата во „Американски измамници”, Сандра Булок за „Гравитација”, Џуди Денч за „Филомена” и Мерил Стрип за улогата во „Август: Округот Осаж“.
Кога станува збор за споредни улоги, најмногу шанси имаат Џарет Лето (Клубот на купувачи од Далас) во машка категорија и Лупита Нионг’о (12 години ропство) во женска категорија.
Во категоријата за најдобар странски филм најверојатно наградата ќе ја освои италијанскиот кандидат „Големата убавина“ на Паоло Сорентина, кој веќе е награден со Златен глобус.
Дали ќе се исполнат очекувањата ќе видиме во недела на 86-тото доделување на Оскарите чија домаќинка ќе биде Елен Деџенерис, а ќе се одржи во театарот Долби во Лос Анџелес.
OhridNews
извор:„Макфакс“