Оштетувањата на задниот дел на авионот „Ту-154“ на руското министерство за одбрана кој се урна во Црното Море, првично укажуваат за тоа дека капетанот на екипажот сакал да го спушти воздухопловот на водата, изјавил за агенцијата ТАСС неименуван извор во безбедносните структури, prenesuva „Макфакс“.

„Нуркачите пронајдоа делови од авионот од крилата до задниот дел. Според прелиминарните прегледи, оштетувањата покажуваат дека капетанот сакал да го спушти авионот на водата“, го цитира агенцијата својот соговорник. 

Претходно во понеделникот беше соопштено дека задниот дел од урнатиот авион бил пронајден, но не бил подигнат на површината. На него биле видливи делови од моторите.

Авионот од типот „Ту-154“ на руското министерство за одбрана во неделата 25-ти декември утрото се уран кусо по полетувањето од аеродромот Адлер, близу јужното руско одморалиште Сочи. Авионот се урнал во близина на брегот, во водите на Црното Море.

Во хаваријата загинаа сите 84 патници и осумте членови на екипажот. Во трагедијата животите ги загубија речиси сите членовите на светски познатиот воен ансамбл „Александров“, новинари од три руски телевизии, активистката за човекови права Елисавета Глинка, и други функционери на руското министерство за одбрана и воени лица кои патуваат до воздухопловната база „Хмејмим“ во близина на градот Латакија во Сирија

Станува збор за модел на авион со три мотора од моделот „Т-154“ кој е проектиран во 60-те години од минатиот век за превезување на повеќе од 150 лица по во тоа време неасфалтираните писти на рускиот Далечен исток, и со децении беше основата на советскиот внатрешен воздухопловен сообраќај.

Во несреќите на овој тип авион од 2000 година, вклучително и последната, загинале околу 900 луѓе.

Произведени се повеќе од илјада такви авиони, меѓутоа руските власти по низата несреќи дефинитивно во 2011 година наредија повлекување на авионите „Ту-154“.

OhridNews
извор: „Макфакс“