Непознати сторители ги оштетиле бистите на македонските Анте Поповски и Славко Јаневски во Струга. Бистата на еден од најистакнатите македонски поети, Анте Поповски била откорната и фрлена во Охридското Езеро, а бистата на Јаневски била оштетена и свртена наопаку на постаментот.

Бистата од Анте Поповски беше поставена во Струга по иницијатива на фестивалот Струшки вечери на поезијата од каде го осудија чинот.

Најостро го осудуваме вандалскиот чин на сквернавење на бистата на еден од најистакнатите македонски поети Анте Поповски, којашто беше откорната и фрлена во крајбрежјето. Настанот е пријавен во полиција, извршен е увид и очекуваме сторителот да биде најден и против него да биде поднесена пријава. Апелираме за елементарна почит кон ликот и делата на македонските поети што се вградија во основањето на еден од најпознатите светски поетски фестивали, велат од СВП.

Инаку, денеска се навршуваат 18 години од смртта на Анте Поповски, но од Фестивалот велат дека не сакаат да претпостават дека сторителите на чинот го сториле тоа намерно на овој ден.
Бистата привремено ќе биде отстранета за да се извршат потребните технички зафати за нејзино поцврсто фиксирање на постаментот за да се оневозможат ваквите вандалски чинови, информираа од СВП.

 

 

OhridNews