Оштетена таблата на која стоеше испишано името на неодамна отворениот бугарски клуб во Охрид „Цар Бори Трети“. Случајот за OhridNews го потврди портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски кој вели дека е пријавено оштетување на таблата со натписот на името на здружението над просторијата на клубот.
Околу 12.45 часот е добиено известување за оштетен дел со натпис на името на здружението над просторијата на клубот. Дел од таблата е оштетен. Во моментов СВР Охрид врши увид на местото и ќе работи на расветлување на случајот, вели Димоски.
Инаку, клубот беше отворен пред пет дена во тензична атмосфера и со протести на кои граѓаните го изразија своето незадоволство против името кое го носи клубот велејќи дека е провокација.
Учесниците на протестот ја пееја македонската химна и антифашистичката слободарска песна „А бре Македонче“. Тие извикуваа „АСНОМ е жив“, „Не за фашизмот и врховизмот“ „Татари“… а некои од учесниците фрлаа со камења и јајца кон отворениот бугарски клуб.
Протестот го организираше политичката партија „Левица“, а и ВМРО-ДПМНЕ повика на масовност. Од Левица Охрид рекоа дека се против здружението кое го носи името на познат фашистички државник Цар Борис III.
Осуда стигна и од пратеничката од ВМРО – ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, а отворањето на клубот беше оценето како провокација и од страна на министерот за надворешни работи Бујар Османи, како и од премиерот Димитар Ковачевски.
Н.С.Ј.
фото. К.С.