Осама бин Ладен и уште четири лица се убиени во драматична ноќна акција на ЦИА и американските специјални сили со пакистанска логистичка помош.

Операцијата за ликвидирање на најбараната личност на планетава и прв човек на глобалната терористичка мрежа Ал Каеда, била извршена врз неговото скривалиште во голема куќа во  близина на центар за обука на пакистанската армија во Аботабад, во североисточен Пакистан,  јавија светските агенции повикувајќи се на извори и локалното население.

„Кусо време по полноќ, голем број командоси ја опкружија палатата. Три хеликоптера летаа над неа. Некој од палатата отвори оган“, изјавил еден од жителите на Аботабад за Ројтерс.

Според разузнавачки извори, во акцијата бил убиен и еден од синовите на Осама бин Ладен и двајца курири на Ал Каеда, Акцијата траела четириесетина минути. Нема настрадани  во редовите на американските војници и оперативци. Еден од пакистанските хеликоптери се урнал, но поради механичка грешка при што загинал пилотот, пишуваат пакистанските медиуми.

Пакистанската телевизија Експрес 24/7 емитуваше снимки од телото на бин Ладен со прострелана глава.

Информацијата дека Осма бин Ладен се сокрива во Пакистан, живеејќи во релативен луксуз на само 50 километри северно од главниот град Исламабад, ќе отвори многу прашања и ќе му штети на угледот на Пакистан, оценува Ројтерс.

Комплексот во кој се сокривал бин Ладен бил изграден пред пет години, но американските разузнавачи засега не знаат колку долго водачот на Ал Каеда таму престојувал, впечатливо  ограден со висок ѕид и бодликава жица. Првите информации дека во оваа палата може да се крие Осама бин Ладен датираат од 2010 година.

OhridNews
извор: Makfaks