Од вкупниот број кривични дела од областа на нелегалната трговија направени во првите шест месеци од годината, околу 40% отпаѓаат на недозволената трговија со оружје, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Во наведениот период откриени се 123 случаи на „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи„ за што се пријавени 141 сторител, додека три од делата се извршени од непознат сторител.Запленети се 164 парчиња оружје (64 пиштоли, 29 автоматски пушки,  20 ловни пушки, 17 рачни бомби, 12 револвери, пет ловни карабини, по три воздушни и војнички пушки, по две полуавтоматски и рачно изработени пушки, гасни пиштоли и пиштоли за звучна и светлосна сигнализација и по еден митралез, малокалибарска пушка и рачно изработен пиштол), како и 3.921 парче разни видови муниција, 193 детонаторски каписли, 357 грама барут, едно парче експлозив, 37 ракети, 91 разни делови од огнено оружје, 40.350 разновидни петарди и 134 парчиња други пиротехничко средства (светливи ракети, прскалки и сл.) и седум парчиња ладно оружје. Покрај ова одземена е поголема количина разни делови и алатки за изработка на муниција.
 
Во текот на првото полугодие од 2009 година, во РМакедонија, регистрирани се вкупно 159 кривични дела, извршени со употреба или со закана со огнено оружје. Во истиот период минатата година огнено оружје било употребено при извршување на 178 кривични дела, што значи дека е забележано намалување на интензитетот кај ваквиот вид на извршување на делата за 10,7%. Гледано по градови, повеќе од две третини од кривичните дела при чие извршување е употребено огнено оружје се извршени на подрачје на Скопје-106 дела, следува Тетово-13, Куманово-седум дела, пет во Струга, по четири во Битола и Прилеп, по три во Гостивар, Охрид, Кавадарци и Штип, по две во Дебар и Гевгелија и по едно во Неготино, Радовиш, Струмица и Велес.

Инаку, во текот на првото полугодие од 2009 година на подрачјето на
Р.Македонија е регистриран само еден инцидент предизвикан од заскитан
куршум од непознат правец, при што е повредено едно лице на подрачје на
Скопје.

По повод Светскиот ден на уништување на оружјето мешовита комисија составена од повеќе надлежни институции и годинава направи попис на преку 780 парчиња оружје и 362 000 парчиња муниција и разни експлозивни средства кои ќе бидат уништени.

Ohridnews