Оружени престрелки повторно се забележани во градот Сму во североисточна Украина, со повик на локалните власти до населението да остане во своите домови.
Западни медиуми јавуваат дека силите на територијалната одбрана се ангажирани против руската војска. Извештаите јавуваат за оружени престрелки утрово и во Киев.
Украинското Министерство за здравство соопшти дека досега се убиени 198 луѓе, а повредени се 1.115 лица од кои 33 деца.
Владата на Чешка одобри испраќање оружје од 8,6 милиони долари за Украина. Холандија соопшти дека ќе испорача уште 200 ракети за противвоздушна одбрана.
Според американски медиуми, ограничени се можностите на Пекинг да му помогне на Владимир Путин во ублажувањето на санкциите
Кина во моментов е единствениот пријател кој може да и помогне на Русија во ублажувањето на влијанието од економските санкции воведени поради инвазијата на Украина, но нема индикации дека Пекинг е подготвен на такви интервенции што би значеле затворање на американскиот и европскиот пазар за Кина, јави БЕТА пренесувајќи извештај на американската новинска агенција АП.
Дури и да сака, можностите на Пекинг да му помогне на рускиот претседател Владимир Путин се ограничени, стои во извештајот.
Односите меѓу Пекинг и Москва се подобрија од 2012 година кога Си Џинпинг дојде на власт. Блиските односи се мотивирани од заедничката нетолеранција кон Вашингтон, но нивните интереси може да се судрат бидејќи Путин е загрижен за растечкото економско присуство на Кина во Централна Азија и на рускиот далечен исток.
Аналитичарите оценуваат дека односите меѓу Кина и Русија се историски гледано на највисоко ниво, но оти двете земји не се сојузници.
САД, Велика Британија и Европската унија воведоа санкции против претседателот Путин и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, поради воената инвазија на далеку послабата соседна Украина.
Според АП, Кина би можела да го искористи овој момент во своја полза, но најверојатно нема отворено да се спротивстави на санкциите, за и самата да избегне казни.
Медведев: Санкциите не значат ништо, операциите ќе бидат целосно спроведени
Санкциите воведени против Русија нема да сменат ништо, операцијата да се заштити Донбас ќе биде спроведена во целина, изјави денеска заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитри Медведев.
Овие санкции дефинитивно нема да сменат ништо. Тоа им е јасно дури и на неупатените во Стејт департментот. Ова се однесува на одлуката да се спроведе воената операција за заштита на Донбас, рече Медведев.
Тој нагласи дека „операцијата ќе биде целосно спроведена се додека не се исполнат целите што ги определи рускиот претседател“.
Медведев исто така рече дека Русија ќе одговори на заплената на парични средства на руските граѓани и компаниите во странство, на начин што ќе бидат запленети парите на странците и странските компании во Русија.
OhridNews
Извор. МИА