Оригинални примероци на црковно-словенски и ориентални ракописни книги, значајни документи за политичката, културната и стопанската историја на Охрид, за прв пат беа изложени пред очите на јавноста во рамки на манифестацијата „Отворен ден на Архивите“, која се одржа вчеравечер во Подрачното одделение на Државниот архив во Охрид.
Освен старите документи кои имаат огромна историска вредност, посетителите имаа ексклузивна можност да ги видат и збирките на стари фотографии од значајни места и градби како што се црквите „Свети Јован Канео“, „Света Богородица Перивлепта“, „Света Софија“ и манастирот „Свети Наум“.
Исто така беа претставени фотографии од низа културни и спортски манифестации, кои се одржувале во Охрид како и фотографии од знаетчиски предмети и резби и сцени од секојдневниот живот. Во рамки на изложбената поставка од фондот на архивот, беа претставени и документи од Општинските управи, Народноослободителните одбори и Верските заедници, од подрчјето на Југозападниот регион на Македонија, а беа презентирани и документи од Рибоводната и Хидробиолошката станица во Охрид.
Раководителот на Подрачното одделение на архивот во Охрид Славица Јанковска рече дека е многу задоволна од интересот кој го покажале охриѓани за значајните архивски документи.
-Преку манифестацијата „Отворен ден на архивите“ која се организира по повод државниот празник 2-ри август, Државниот архив за прв пат ги отвара вратите и на посетителите им нуди уникатна можност да рагледаат дел од богатството на оргиналните архивски документи кои се чуваат во архивските депоа. Во рамки на оваа поставка за разгледување изложивме 40 документи и 80 архивски фотографии кои имаат огромно историско значење за Охридскиот регион и се значаен дел од националното богатство на Република Македонија, вели Јанковска.
Таа истакна дека во рамки на докумените од семејните фондови, еден од најважните документи со кои располага архивот е Вакфнамето на охридското семејството Охризаде, кое потомците на ова семејството го отстапија на чување во архивот.
-Вакфнамето е турски документ од 1491 година за едно од најпознатите охридски семејства. За овој документ Државниот архив ја објави книгата „Семејството Охризаде – историја долга 600 години“. Како благодараност за довербата која ни ја дадоа потомците на ова семејството односно на господинот Тургут Хајдар Охризаде му доделивме специјална благодарница, објасни Јанкоска.
Господинот Тургут Хајдар Охризаде кој 45 години живее и работи во Холандија со големи емоции ја прими благодарницата.
-Јас сум многу здоволен од соработката што ние како семејство ја имаме со Државниот архив и се надевам дека таа ќе продолжи и во иднина. Оваа иницијатива за изложување на значајните архивски документи е фантастична и е единствена можност за охриѓани да да го видат историското богатството на Охрид, рече Хајдар.
Тој изрази надеж дека вакви слични манифестации ќе бидат организирани и во иднина.
Е.М.