Пливачи од Аргентина, Италија, Словенија, Косово и Македонија ќе земат учество на 35. Охридски пливачки маратон кој ќе се одржи во сабота, 10 септември на Охридското Езеро.

Странските пливачи веќе пристигнаа во Охрид каде се аклиматизираат и се подготвуваат за маратонот кој ќе се плива во должина од 25 километри од Св. Наум до Охрид. Во хотелот „Десарет“, каде се сместени, топло добредојде им посакаа претставници на организациониот одбор на маратонот.

Од името на градот Охрид и организацијата ви посакувам убав престој во Охрид и добра трка, па нека победи најдобриот. – рече Ристе Јанкоски, претседател на организацискиот одбор на Охридскиот пливачки маратон.

Со спецификите на трката маратонците ги запозна Марјан Бошалески, кој ќе биде еден од повеќето судии кои ќе се грижат за регуларноста на трката.

Времињата ќе се мерат електронски и прецизно благодарение на „Tag timing “. Во текот на трката ќе има четири мерни точки и секако на целта. – рече Бошалески, посочувајќи дека за деталите подромбо ќе се разговара на техничкиот состанок што ќе се одржи во петок претпладне.

 

Франческо Гетини од Италија по четврти пат ќе плива во Охрид. Вели дека добро му е позната трката, а ја почувствувал и водата за која вели дека е пријатна.

Среќен сум што сум тука. Очекувам добра трка, знам дека ќе биде напорно, но уживам во пливањето и ќе видиме што ќе се случи. – изјави за OhridNews Гетини.

Седумнаесетгодишнио Сидрит Деску од Косово за прв пат ќе настапи на маратонот во Охрид. Тој најчесто плива во базен, но има искуство во трки на долги патеки, а маратонот во Охрид го гледа како голем предизвик.

Очекувам да ја завршам трката бидејќи прв пат настапувам во Охрид. Имам настапувано на трки од 5 километри, но ова е нешто ново за мене. – рече Деску.

Учесниците на маратонот добија пригодни подароци од органиаторот и спонзорите. Официјалното претставување на маратонците пред пошироката јавност ќе се случи вечерва на плоштадот кај Долна порта во центарот на Охрид, каде ќе има и изложба на фотографии од историјата на маратонот. а ќе биде прикажан и документарниот филм „Охридските пливачки легенди“.

На маратонот ќе пливаат Франческо Гетини од Италија, аргентинците Матијас Диаз Хернандез и Рита Ванеса Гарсија која е единствен женски натпреварувач, Арне Фурлан Шутлар од Словенија, Сидрит Деску и Арион Будима од Косово и македонските пливачи Александар Илиевски и Евгениј Поп Ацев.

Маратонот во сабота стартува во 10 часот во Св. Наум, а целта е на кејот во Охрид.

Г. Момироски
Фото: А. Момироска