Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави го означи бизнисменот Орце Камчев за корупција, поткуп, перење пари и други кривични дела.
Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC) назначи едно лице, Јордан „Орце“ Камчев, во Северна Македонија во согласност со Извршната наредба (E.O.) 14033. Денешното назначување ја нагласува континуираната посветеност на Соединетите држави да промовираат одговорност за поединци и субјекти кои ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција и друго дестабилизирачко однесување, стои во соопштението од министерството.
Според нив, Камчев ја злоупотребил својата позиција, ангажирајќи се во коруптивни активности и спроведувајќи себична агенда на сметка на демократските институции и граѓаните на Северна Македонија.
Во нивното соопштение се споменува и случајот „Плацови на Водно“ во кој Камчев е обвинет за перење на пари, а се наведува и признанието на вина на Камчев во случајот „Империја“ во кој беше осомничен за злосторничко здружување, измама, перење пари и други кривични дела поврзани со неговите бизниси.
Дополнително, Камчев го искористи своето коруптивно влијание и богатство за да манипулира со судскиот систем на Северна Македонија во негова корист. Во 2020 година, главната обвинителка на Специјалното обвинителство (СЈО) беше обвинета за примање поткуп од Камчев и сведочеше дека Камчев платил пари во замена за поволни услови за апсење и исход на случајот. Камчев подоцна покрена граѓанска постапка против главната обвинителка и други лица, тврдејќи дека тие го изнудувале. Основниот граѓански суд Скопје пресуди дека Камчев не е жртва и нема право на надомест на штета, се дополнува во соопштението.
Амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Анџела Агелер, на својот твитер профил објави дека овие санкции не влијаат само на имотот на Камчев, туку и на оние кои имаат бизнис со него.
САД ќе продолжат да таргетираат корумпирани поединци кои го поткопуваат владеењето на правото и стабилноста на Северна Македонија. Корупцијата има последици, напиша Агелер.
Покрај Камчев, на црната листа на САД денеска се најде и дилерска група „Ел Балути“, составена од браќата Јунес и Отман Ел Балути, како и Јусеф Беназа, која продавала кокаин низ Белгија и западна Европа, а која, според соопштението од Министерството за финансии на САД, се крие во Дубаи. Поради нелегална трговија со дрога на црната листа на САД е ставен и Франко Табарез Мартинез, дел од мексикански картел.
САД неодамна го ставија на црна листа и градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко за вклученост во корупција.
OhridNews
Фото: МИА