Во изминатите години слушнавме многу прекрасни зборови за интегрирањето на земјата во ЕУ. Сега е време за сите политичари, да повторам, сите политичари да покажат дека овие зборови ги поддржуваат со дела, изјави евроамбасадорот Аиво Орав. Овде сме да ’и помогнеме на вашата земја на патот кон ЕУ, но мора да видиме дека тоа навистина го сакате’, порача Орав кој учествуваше на денешната конференција за новиот твининг проект што се одржа во Секретаријатот за европски прашања.

Тој не сакаше да коментира дали се чувствува навреден од тоа што се слуша во телефонскиот разговор на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и нејзниот колега Зоран Ставрески, што лидерот на СДСМ Зоран Заев го објави на прес конференцијата во понеделникот.

Во тој разговор за кој Заев тврди дека е автентичен, а дека на него се слушаат гласовите на двајцата министри, се разговора за случувањата околу општина Центар, улогата на полицијата, интересот на амбасадорот за случајот, а за него се употребуваат погрдни зборови. Заев претходно кажа и дека според снимките што ги имаат се прислушувани амбасадори од шест, како што рече, највлијателни земји и дека материјалите ќе им биле доставени.

OhridNews