„Езерско дерби“ во сабота на 4 декември во Охрид. Екипата на ГРК Охрид ја пречекува екипата на РК Струга во рамки на 13-тото коло од Супер лигата.

Две години сме немале ваков добар натпреварна домашен терен, рече на денешниот прес по повод натпреварот, Иван Тасески пивотмен на ГРК Охрид.

Убеден сум дека ќе има доста публика, „Рибарите“ ќе се во голем број. Благодарност до нив што ни даваат поддршка на секој натпревар. Нормално дека е поубаво да се игра пред полни трибини, отколку во празна сала како на тренинг. Различна е мотивацијата за играње, додаде Тасески.

„Езерското дерби“ кое не очекува во сабота е многу важен натпревар за нас, рече Филип Кривокапиќ од ГРК Охрид.

Може сме фаворити на хартија, но на вакви натпревари тоа ништо не значи. Се надевам со помош на публиката и наша добра игра дека ќе го добиеме натпреварот и заедно ќе се радуваме со публиката. Најјака страна на РК Струга е голманот, се знаеме добро со него. Кај нив одигравме еден тежок натпревар кој го решивме во наша корист. Се надевам дека така ќе биде и во Охрид, додаде Кривокапиќ.

Натпреварот ќе се одигра во салата „Билјанини извори“ со почеток во 19:00 часот. Влезот е 100 денари. Дозволено е присуство на гледачи до 50% од вкупниот капацитет на салата. За присуство потребен е сертификат/потврда за извршена имунизација со две дози или сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена.

Н.С.Ј.