Последните промени на финансиските буџети во кошаркарските клубови Работнички, МЗТ Скопје и Карпош Соколи го потврдуваат фактот дека поголем број од клубовите во било кој спорт во Македонија опстојуваат благодарание на дарежливоста на Општините, односно граѓаните кои ја полнат градската каса.

Карпош Соколи се соочи со кошаркарски егзодус, а во краток можен рок најверојатно и со резултатски колапс после одлуката на Општина Карпош да не го финансира клубот како претходно, туку да издвои финансиски средства за помош на младинските категории. Карпош Соколи минатата сезона беше победник во Купот на Македонија и македонски преставник заедно со МЗТ Скопје во АБА лигата, а сезована ќе треба да спои крај со крај да ја дотурка до финишот. Иста судбина, но не со толку суров крај доживува и шесткратниот првак МЗТ Скопје, кој следната сезона ќе има драстично намален буџет од општинските пари за разлика од минатите сезони. Најтрофејниот кошаркарски клуб во Македонија, Работнички, пак, ќе има зголемен буџет со кој веројатно ќе го преземе кормилото во македонската кошарка.

Истата слика од кошарката се пресликува во ракометот. Ракометните клубови Борец и Прилеп не се знае дали ќе ја преживеаат зимата и паузата во националниот шампионат, а криза го фати лидерот во Супер лигата, Пелистер и Ракометниот клуб Охрид кои за среќа најдоа заеднички јазик со Општината и продолжија да егзистираат и да бележат добри резултати како претходно. Кризата тропа(ше) на вратата од Радовиш и екипите кои зависат од аминот на општините.

Во фудбалот се повторува истиот проблем, и покрај спонзорите и општините играат главна улога во конструкција на буџетот. Додека, во странсво спонзори се „тепаат“ да влезат во фудбалот и спортот воопшто кај нас чекаме на милостина од општината.

Ниту релативно помалите спортови не се имун на оваа ситуација во Македонија. Најголем проблем е превозот, а често како спасител се јавуваат приватните превозници или пак Општината која ги покрива патните трошоци.

Ваквиот развој на настаните во спортот не` не водат на правиот пат, бидејќи добра екипа може преку ноќ да ја снема од спортската мапа ако Општината во било кој град реши да не го подржува клубот, што значи дека спортот го контролираат општинските пари.

Михаил Постоловски