Како резултат на неколкугодишната соработка помеѓу општинскиот Црвен крст и Црвен крст Зеволде- Холандија, претставници на двете организации денес потпишаа меморандум за соработка, што претставува темел за идните активности кои заедно ќе ги реализираат двете организации. Гостите од Зеволде, по потпишувањето на меморандумот на претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков, му ги предадоа и клучевите од специјалното амбулантно возило, донација од  Националниот здравствен сервис на Холандија, која се реализира со посредство на Црвен крст Зеволде.

После многу напори од двете страни еве конено се раеализира транспортот на ова возило. При мојата посета на Охрид, пред две години дознав дека општинскиот Црвен крст има потреба од амбулантно возило, бидејќи претходното е многу старо. Во февруари разбрав дека возилото повеќе и не е во возна состојба. По моето враќање во Холандија дознав дека Националниот здравствен сервис ќе оттуѓува четири возила, ги контактирав, по што ми беше кажано дека сакаат да донираат едно возило за Охрид. Ги договоривме деталите, по што следуваа акции за собирање средства, вечери, концерти, со цел да се донесе возилото и да се обезбеди опремата, вели Карла Лортје од Црвен крст Зеволде.

Хендрик Хрун, од Националниот здравствен сервис на Холандија објаснува дека кога од нив било побарано да донираат едно од возилата, тие воопшто не се двоумеле и едногласно решиле да му помогнат на охридскиот Црвен крст.    

Верувам дека возилото ќе ја најде својата примена тука. Ова возило е специјално, користи гас кој не ја загадува околината, воедно е и поефтин од бензинот што е исто така многу значајно. Сепак најважна е безбедноста на оној кој го вози и луѓето кои се превезуваат со него, вели Хрун.

Специјалното возило е наменето за интервенции на тимовите за прва помош на Црвен крст Охрид при несреќи и транспорт на повредени, како поддршка на делувањето на Единицата за безбедност на вода и Единицата за спасување на планина и непристапни терени.

Возилото е во одлична состојба и на овој начин и Охрид ќе добие поголема сигурност за граѓаните и туристите, меѓу кои и голем број холандски гости, секако ослонувајќи се на нашите професионални тимови. Возилото е целосно опремено за дејствување во несреќи и за безбеден транспорт на повредени. Овие денови во тек е и обука за нашите волонтери од страна на екипите од Националниот здравствен сервис на Холандија и Црвен крст Зеволде, истакна претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

Благодарност за донираното возило искажа и заменик градоначалникот на општина Охрид, Ангел Јанев, кој изрази надеж дека соработката меѓу двете организации во иднина ќе биде уште поинтензивна.  

Тимови од Црвен крст од Охрид, Црвен крст Зеволде и Националниот здравствен сервис на Холандија, во понеделник ќе реализираат заедничка јавна показна вежба на делување при несреќа (според соодветно сценарио) на институциите надлежни да делуваат во такви ситуации-СВР Охрид, Здравствен дом Охрид-Итна медицинска помош, Противпожарната единица, Центар за управување со криззи, Дирекција за заштита и спасување, Локална самоуправа Охрид, Црвен крст Охрид.

Т. К.