Дел од хотелско – угостителските капацитети во Св. Наум се наоѓаат во манстирскиот комплекс кој е во надлежност на Дебарско-кичевската епархија, од каде тврдат дека загадувањето не доаѓа од објектите од кои црквата наплаќа кирија. Според владиката Тимотеј, одговорноста треба да се бара кај другите угостителски објекти во комплексот во кој покрај воениот камп функционираат уште неколку ресторани. Од Управата за водосптопанство до која реагирала општинската инспекција се дистанцираат од одговорност со образложение дека случајот е во надлежност на Државниот инспекторат за животна средина. Оттаму повикувајќи се на анализи од месец јули со кус допис информираа дека состојбата не е алармантна, што е спротивно на податоците со кои располага општинскиот инспекторат.
– Мораме многу брзо да реагираме и ние и министерствата и сите, да не не’ дочека следната сезона во некоја полоша состојба во која што би имало веќе поголеми последици. Затоа мора да се најде изворот на загадување, бидејќи според анализите во сите мерни точки каде помалку, каде повеќе, беа најдени бактерии на ешерихија коли, колиформни бактерии, кои се знак за некаков вид на загадување, изјави Лилјана Спиркоска – овластен инспектор за животна средина при општина Охрид.
По актуелзирањето на случајот Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро најави дека во текот на следните денови експерти од Македонија и Албанија ќе направат заедничка анализа на водата во Св. Наум, со цел да се откријат причините за фекалното загадување на изворите и езерото што ова лето предизвика повеќе случаи на труење.