Ни помалку ни повеќе, туку 22 точки ќе се најдат на дневен ред на 48-та седница на Советот на Општина Охрид што ќе се одржи во петок 28 декември.

Копјата ќе се кршат околу Предлог Буџет на единицата на локална самоуправа Охрид за 2008 година,  откако општината проектира поголем буџет од ланскиот кој тежеше 453 милиони денари.

Ваквата информација како што дознаваме ги збунила советниците, особено поради фактот што градоначалникот минатата година жестоко се спротистави на зголемувањето на буџетот од страна на советниците и првично одби да го потпише, со образложение дека тој е преобемен и не ќе може да се реализира.

Сега локалната администрација нуди буџет кој ќе надмине 460 милиони денари. За начинот на распределба на буџетските средтва деновиве во тек се интензивни координации помеѓу советничките групи, но и покрај тоа се очекуваат голем број дискусии за предложениот буџет, за кој ќе се расправа на седницата во петок.

Г. Момироски