Службите на СВР Охрид повеќе да се вклучат во спроведување и почитување на законските мерки од страна на граѓаните, во однос на носење на заштитни маски и држење на социјалната дистанца. Ова го побара Општинскиот кризен штаб, на состанокот одржан вечерва, на кој присуствуваа претставници од сите здравствени институции и дел од матичните лекари од Охрид.

 

Зголемениот број на пациенти кои се позитивни на КОВИД 19, предизвика притисок врз медицинскиот персонал и ги исполни предвидените и расположливи капацитети за лекување во Општата Болница, поради што е неопходно во најбрзо време да се изнајде модалитет со кој во лекувањето на пациентите ќе може да се вклучат и останатите здравствени институции од Охрид и товарот од зголемениот обем на работа да биде рамномерно распределен врз сите здравствени институции и медицински персонал. – заклучи Општинскиот кризен штаб

Како што информира локалното тело за справување со ковид кризата, граѓаните кои се соочуваат со проблем при комуникацијата и третманот од страна на своите матични лекари, во делот на почитување на протоколите кои се утврдени за пациентите кои имаат симптоми или се суспектни на коронавирус, сега сите неправилности може да ги пријават до Општинскиот кризен штаб, кој понатаму ќе ги проследи до надлежните здравствени инспекторати.

 

Во текот на наредните денови ќе се разгледа можноста за организирање на мобилни здравствени тимови кои ќе може да пружаат здравствен третман во домашни услови на заболени кои имаат полесна клиничка слика. – истакна градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, кој упати апел до граѓаните за максимално почитување на мерките и препораките за заштита од Ковид 19.

Во Охрид само во изминатото деноноќие се регистрирани нови 33 случаи на Ковид 19, со што бројот на активни случаи се искачи на 499, а околу 100 се хоспитализирани.

OhridNews