Засега состојбата со здравствената криза во Охрид е стабилна, оцени Општинскиот кризен штаб кој на барање на градоначалникот Константин Георгиески денеска одржа он-лајн состанок, на кој беа вклучени сите постојани членови.

Според податоците на надлежните здравствени институции, до денес во Охрид има регистрирано 170 активни случаи кои се позитивни на корона вирусот Ковид 19. На Инфективното одделение и одделот за геријатрија во Општата болница во Охрид се згрижени вкупно 40 пациенти. Во моментот се подготвува план за реорганизација по други одделенија при евентуален поголем прилив на заразени во текот на наредниот период, кои би имале потреба од болничко лекување. Доколку се јави зголемена потреба од дополнителни капацитети за згрижување на пациенти, би можеле да бидат искористени и останатите здравствени објекти на подрачјето на општината. – заклучи Општинскиот кризен штаб.

Упатена е препорака до сите компании, трговски, угостителски, сместувачки капацитети и сите останати работни организации, за максимално почитување на препораките за превенција од коронавирусот Ковид 19 и преземање на навремени мерки за изолирање на сомнителни случаи помеѓу вработените;

Се упатува препорака до матичните лекари на ниво на општината максимално да се вклучат во давање на препораки и соодветно третирање на пациентите по утврдените протоколи, како и во делот на давање на препораки за самоизолација. Граѓаните, пак, кои се во изолација да имаат поголемо трпение и да ги почитуваат мерките за превенција со цел да го заштитат здравјето на останатите граѓани. – стои во заклучоците од онлајн состанокот на Општинскиот кризен штаб.

До жителите на Охрид и до туристите кои во текот на викендите го посетуваат градот, пак, се апелира максимално да ги почитуваат сите мерки за заштита и превенција, да носат заштитни маски, да ја одржуваат потребна дистанца, и секако да се одржува лична хигиена и да се врши редовна дезинфекција.

OhridNews