За данокот на имот кој е еден од изворните приходи на општините ќе се расправа в понеделник на 61-та седница на Советот на општина Охрид. Членовите на советот треба да се изјаснат по предог-одлуката за изменување на Одлуката за утврдување на стапката на данокот на имот.

Градоначалникот Александар Петрески ќе побара од советниците намалување на стапката на данокот на имот за цели 50 проценти. Предлогот како што велат од неговиот кабинет е да се ублажи финансиската криза што го тресе светот, а не ги одминува ни охриѓани.

Македонците плаќаат данок за имот од 0,10 до 0,20 проценти, а граѓаните на Охрид се некаде на средината со даночна стапка од 0,15 проценти.

Градоначалниците во ЗЕЛС велат дека данокот по овој основ во  демократските држави е најстабилен, а кај нас е потценет.На пример, во Бугарија данокот на имот изнесува 1,5 проценти, Финците плаќаат од 0,5 до 1%, а во Данска овој данок се движи од 0,6 до 2,7 проценти.

Со процесот на децентрализација во Република Македонија, администрирањето на данокот на имот и комуналните такси го вршат општините, како единици на локалната самоуправа. Но, според градоначалникот на општина Кисела Вода, Џорџе Арсов, кој е и претседател на Комисијата за финансии во ЗЕЛС, општините потрошиле многу време  за средување на неевидентираните имоти. „Изгубивме време да ги средиме погрешните адреси и да го провериме неплаќањето данок. Навистина данокот беше ненаплатен во голема мерка зашто државата не зависеше само од него“, рече Арсов.

Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски смета дека актуелната Влада направи добар потег што воведе данок на имот и за деловните објекти зашто мора да се создаде добра даночна структура која ќе ги полни општинските каси и на тој начин ќе им дава и поквалитетни услуги на граѓаните.

И членот 9 од Европската повелба за локална самоуправа вели дека општините имаат право да го администрираат данокот на имот и поголем дел од нивните финансии треба да потекнуваат од локалните даноци.

А.Р.