Меѓупштинското јавно претпријатије „Проаква“ треба да добие повластена цена на електричната енергија која се произведува со експлоатација на водите од Охридското Езеро, сметаат првите луѓе на општините Охрид и Струга.

На јавната трибина посветена на проблемот со загадувањето на Охридското Езеро, што денеска се одржа во Охрид, градоначалникот на Охрид, Александар Петрески истакна дека не може еден субјект да стопанисува со езерото и од тоа да остварува добивка, а трошоците да паѓаат на товар само на граѓаните на Охрид и Струга. При тоа го посочи  примерот со Општината Битола, која, како што рече,  добива дел од средствата добиени од производството на електрична енергија од РЕК „Битола“, а тоа не е случај со Струга и Охрид, кои многу средства издвојуваат за покривање на трошоците за струја од колекторскиот систем за заштита на езерото.

– За работа на колекторскиот систем, дел од струјата што ја трошат пумпите, треба да плаќа државата или пак јавното препријатие да има бенифицирана струја, рече Петрески

Тој смета дека надлежностите за заштита на езерото треба јасно да се дефинирани и поделени и дека само на тој начин државата и локалните самоуправи ќе можат да се справат со проблемот на загадувањето на Охридското Езеро.

На средбата што ја организираше парламентарната Комисија за транспорт, врски и екологија, покрај градоначалниците на Охрид и Струга, присустрвуваа и министерот за животна средина Јакупи, директорите на јавните комунални претпријатија од двете општини и претставници на невладини граѓански асоцијации и експерти. На трибината стана збор за проблемите, последиците и можните решенија за надминување на настанатата состојба со загадувањето на водите на Охридското Езеро, при што беше истакнато дека е неопходна соработка на властите на сите нивоа за целосна заштита на Охридското Езеро.

Ohridnews