– Му предочивме на министерот дека е потeрбно итно да се исчистат коритата на реките Дрим, Сатеска и Далјан, да се изгради втората фаза од системот со што капацитетот на колекторот ќе се зголеми за 60 000 жители, како и да се надгради биолошкиот блок од колекторскиот систем, изјави за OhridNews, Бранислав Трпчески, директор на МЈП „Проаква“.
На средбата на која присуствувале и советници на министерот за транспорт и претставници од министерството за финансии, станало збор и за потребата од изградба на нова пречистителна станица на коритото на реката Сатеска кај селото Волино. Исто така за приоритет се смета и доизградбата на канализационата мрежа во Охрид и Струга со што ќе се спречи оптоварување на колекторскиот систем со атмосферска вода.
На средбата, која минала во конструктивна атмосфера, било договорено деновиве до министерството за транспорт и врски на писмено да бидат доставени податоците за состојбата со колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро, за што како што било најавено, ќе се расправа на владина седница на која присуство побарале претставниците на локалните самоуправи.