Потпишани договорите помеѓу владините министерства и единиците на локална самоуправа, поточно општините кои учествуваа во јавниот повик, ги исполнија условите и добија средства од проектот во вкупна вредност од 250 милиони евра за капитални инвестиции за општините.
Договорите се однесуваат за реализација на проекти во делот на образованието, социјалната политика, транспортот, културата и туризмот, животната средина и во спортот.
Дел од тие средства ќе бидат реализирани во овој буџет, останатиот дел дополнет со оние средства коишто недостигаат ќе биде со следниот буџет за следната година. Согласно првиот повик кој го објави Министерството за локална самоуправа денес склучуваме договори за 274 проекти во вкупна вредност од околу 4.1 милијарди денари, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Општина Охрид заедно со општините Василево, Берово, Шуто Оризари, Пехчево, Пробиштип, Тетово, Бутел, Могила, Делчево, Врапчишта, Липково, Кисела Вода, Чаир, Арачиново, Росоман, Чучер Сандево и други, потпиша договори врз основа на Одлука за користење на капитални донации до единиците на локална самоуправа за инфраструктурни проекти од областа животната средина и просторното планирање за што, како што посочи Мицкоски, ќе се инвестираат близу 630 милиони денари (629.263.261 денари) за инвестиции во изградба на атмосферски и фекални канализации, колектори, нови водоводи, регулации на реки и други проекти.
Ова е историска најголема инвестиција на централната власт за локалните самоуправи и ќе продолжат јавните повици се до целосно искористување на предвидените 250 милиони евра. Сакам да апелирам општините да изработуваат квалитетни проекти и тие ќе бидат реализирани. На овој начин државата враќа на граѓаните и вака го подобруваме реалниот живот на сите луѓе на Македонија, потенцираше Мицкоски.
За потсетување, Општина Охрид доби финансиска поддршка за сите 10 проекти со кои аплицираше, а се однесуваат на реконструкција на улици во село Пештани, село Подмоље и село Долно Лекочереј, реконструкција на водоводна линија на ул. „Кленоец“ ЛТХ „Леарница, реконструкција на пешачки улици во рамките на градските гробишта во Охрид, реконструкција на локален пат од крстосница за село Рамне до црква „Свети Атанасиј“, проект за замена на постоечка опрема во пумпна станица „Метропол“, реконструкција на атмосферска и фекална канализациона мрежа за дел од улица „Кленоец“, реконструкција на улица во село Опеница која води до црквата „Свети Кузман и Дамјан и проект за рехабилитација на дел од локален пат за село Куратица.
Н.С.Ј.