Општина Охрид изрази задоволство од намалувањето на критериумите за продажба на државно градежно земјиште во Охрид за изградба на елитен хотел.
– Уште при објавувањето на критериумите на првиот тендер укажавме дека тие се премногу високи, што се потврди со тоа што инвеститорите не покажаа интерес за изградба на елитен хотел во Охрид, велат од локалната самоуправа.
Со изменување на критериумите се отвара реална можност за привлекување на големите хотелски брендови, што е од исклучително значење за развојот на туризмот во Охрид, додаваат од локалната самоуправа. Оттаму сметаат дека со продажбата на државното градежно земјиште ќе се отворат поголеми перспективи за целокупното стопанство и дека тоа е единствен начин да се поттикне економскиот развој на општините.
Како што е познато владата деновиве распиша тендер за продажба на 160 локации на државно градежно земјиште, а на една од нив во комплексот Горица во Охрид се планира изградба на луксузен хотел.