Локалната самоуправа, од денес, со странки ќе работи со редуцирано работно време, од 9 до 11 часот и тоа само преку архивата на општина Охрид, информира градоначалникот Константин Георгиески.

Ова е една од донесените оперативни мерки со цел надминување на состојбата и спречување на ширење на коронавирусот, а кои следат по неколкуте состаноци кои градоначалникот ги одржа со директорите на сите јавни претпријатија, директорите на здравствените установи, претставникот на матичните лекари, раководителот на Пазарна инспекција – Охрид и директорите на ОУТУ „Ванчо Питошески“ и Студентскиот дом „Никола Карев“.

Од денеска основците и децата од претшколска возраст ќе имаат можност да ги следат едукативните содржини кои што ќе се емитуваат на трите канали на националниот сервис МРТВ, а содржини кои се изведени од актуелните наставни програми. Дополнително министерството за образование во соработка со бирото за развој на образованието, работи на решение за сличен модел и за повозрасните ученици, рече Георгиески.

Медицинската опрема (термометри, пулсоксимометри, спирометри, мобилни ЕКГ апарати, апарати за притисок, глукометри, стетоскопи..) набавена преку проектот „Cross 4all“ ќе им биде ставена на располагање на медицинските установи од градот. Два објекти (ученичкиот дом „Ванчо Питошески“ со 38 соби и студентскиот дом со околу 30 соби) по потреба ќе бидат пренаменети во обејкти за изолација и карантин за лесни случаи, а општината ќе учествува во набавката на заштитни скафандери за здравствените установи.

Општина Охрид во соработка со Црвен Крст, ќе издвои 300 000 за помош на лица од социјално ранливи категории кои што ќе се во изолација, за основни прехранбени продукти и средства за хигиена.

Градоначалникот потсети дека во текот на изминатите денови извршени и низа други мерки, меѓу кои вонредната дезинфекција на сите објекти од ЈОУДГ „Јасна Ристеска“. Денес започна дезинфекцијата на основните училишта „Григор Прличев“, „Братство Единство“ и „Методи Патче“, а до крајот на недела ќе се изврши дезинфекција на преостанатите основни и средни училишта. Извршена е и дезинфекција и на Градскиот пазар.

Состаноците на надлежните ќе продолжат се до надминување на состојбата со корона вирусот.

OhridNews